СООБРАЌАЈОТ ТЕЧЕ БЕЗ ПРОБЛЕМИ Во тек санации и времен режим на повеќе патни делници

Нема подолги задржувања на граничните премини, а возачите се предупредуваат на можни одрони и изменет режим на неколку клучни патни правци низ државата.

СООБРАЌАЈОТ ТЕЧЕ БЕЗ ПРОБЛЕМИ Во тек санации и времен режим на повеќе патни делници
Фото: Национал

Денеска (07.06) сообраќајот на сите државни патишта во земјава се одвива непречено и по суви коловози, информираат од Автомото сојузот на Македонија.

Интензитетот на сообраќајот надвор од урбаните средини е умерен, а на граничните премини од македонска страна во моментов нема подолги задржувања ниту за влез, ниту за излез од државата.

Од АМСМ апелираат возачите да ја приспособат брзината на движење кон условите на патот, да ја почитуваат сообраќајната сигнализација и внимателно да управуваат со возилата, особено на делниците низ котлини, речни долини и клисури каде постои опасност од појава на одрони. Како покритични се посочуваат правците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

Во рамки на сезонскиот режим на сообраќај, патниот правец Охрид – Ресен преку Националниот парк Галичица е отворен за сите видови возила со маса до 3,5 тони.

Во меѓувреме, на повеќе патни правци низ државата се спроведуваат градежни активности и санации. На автопатот А2, на делницата Гостивар – Стража, се врши санација на неколку мостови и вијадукти, при што е воведен времен режим на сообраќај до завршување на работите.

Градежни зафати се изведуваат и на мостовите на реката Вардар кај село Желино, како и на автопатот А1, делница Смоквица – Гевгелија, каде се работи на поставување интерконективен гасовод.

На скопската обиколница, на државниот пат А2, во тек е рехабилитација на дел од коловозот меѓу клучките Волково и Кондово. Поради работите, затворена е левата лента, а сообраќајот се одвива по средната и десната лента.

Продолжуваат и активностите за санација на свлечиштето на регионалниот пат Косоврасти – Мелнички Мост, каде е воведена времена измена на режимот на сообраќај.

Поради изградбата на Коридорот 10Д, во сила е и времен режим на сообраќај на патниот правец Прилеп – Битола, при што возилата се пренасочуваат по регионалниот пат на потегот од клучка Лагово до Тополчани.

CATEGORIES
Share This