САМО СЕДУМ ГЛАСА РАЗЛИКА Хаџи Василева пред Пеливанов во трката за ОЈО ГОКК

Обвинителката освои 64 гласа наспроти 57 за Пеливанов. Дванаесет обвинители не гласале, а официјализацијата на резултатите се очекува по истекот на рокот за жалби.

САМО СЕДУМ ГЛАСА РАЗЛИКА Хаџи Василева пред Пеливанов во трката за ОЈО ГОКК
Фото: Принтскрин

Обвинителката Искра Хаџи Василева освои најмногу гласови на изборите за нов шеф на Основното јавно обвинителство за гонење на организираниот криминал и корупцијата (ОЈО ГОКК). Таа доби 64 гласа, додека обвинителот Трајче Пеливанов заврши на второто место со 57 гласа.

Резултатите од гласањето ги соопшти Изборната комисија при Советот на јавните обвинители на јавна седница во вечерните часови. Иако Хаџи Василева освои најголема поддршка, постапката сè уште треба да биде официјализирана по истекот на предвидениот рок.

На третото место е Јован Цветановски со 30 гласа, по него следува Фатон Азизи со 14, додека обвинителката Лидија Раичевиќ доби шест гласа.

Од вкупно 187 јавни обвинители со право на глас, на изборите учествувале 175. Дванаесет обвинители не го искористиле правото на глас, а четири гласачки ливчиња биле прогласени за неважечки. Сите неважечки ливчиња биле од гласачкото место во Вишото јавно обвинителство во Скопје.

Таму гласале 91 од вкупно 98 обвинители. Хаџи Василева добила 31 глас, додека Пеливанов и Цветановски освоиле по 20. Азизи добил десет, а Раичевиќ шест гласа.

На гласачкото место во Републичкото јавно обвинителство гласале десет од вкупно 11 обвинители. Шестмина ја поддржале Хаџи Василева, а четворица гласале за Пеливанов. На ова гласачко место гласал и државниот јавен обвинител Ненад Савески.

Хаџи Василева освоила најмногу гласови на сите избирачки места, со исклучок на Гостивар, каде што Пеливанов победил со 16 наспроти четири гласа.

Искра Хаџи Василева има 11-годишно искуство како јавен обвинител и е дел од петтата генерација на Академијата за судии и јавни обвинители. До неодамна работела во скопското обвинителство, а од 2024 година е дел од Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата.

Во јавноста е препознатлива по работата на значајни предмети, меѓу кои случајот со 350.000 евра пронајдени заѕидани кај судијата Ѓоко Ристов, како и предметот „Жан Митрев“. Доколку резултатот биде официјализиран, Хаџи Василева ќе го наследи Ислам Абази на чело на обвинителството.

Изборот се спроведе со непосредно и тајно гласање на пет избирачки места – во Републичкото јавно обвинителство и во вишите јавни обвинителства во Скопје, Гостивар, Штип и Битола.

Изборната комисија соопшти дека избирачкиот материјал од сите гласачки места пристигнал навреме и бил уредно предаден. Комисијата неофицијално му честитала на кандидатот со најмногу гласови, но посочила дека сè уште тече рокот за жалби.

Официјализацијата на резултатите се очекува по истекот на рокот предвиден во изборната постапка.

CATEGORIES
TAGS
Share This