ОД ДЕНЕСКА Личната карта и возачката дозвола и на мобилен телефон

Промовирана апликацијата „м.Услуги“, која овозможува дигитален идентитет, електронски документи и пристап до јавни услуги преку мобилен телефон.

ОД ДЕНЕСКА Личната карта и возачката дозвола и на мобилен телефон
Фото: Принтскрин

Министерството за дигитална трансформација ја промовираше мобилната апликација „м.Услуги“ (m.Uslugi), преку која граѓаните ќе можат да ги користат своите електронски документи, меѓу кои личната карта и возачката дозвола, и да пристапуваат до дигитални јавни услуги.

Апликацијата е бесплатна и нејзиното користење е доброволно. Таа претставува дополнителен начин за пристап до услугите на институциите, без укинување на досегашните можности за комуникација со нив.

Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски при презентацијата ја активираше апликацијата и ја додаде својата електронска лична карта во дигиталниот паричник.

Тој посочи дека станува збор за електронска верзија на документот, а не за фотографија или ПДФ-датотека. Апликацијата овозможува и селективно споделување лични податоци, односно граѓаните да ја потврдат потребната информација, како полнолетството, без да ги откриваат останатите лични податоци.

Во следните фази се планира и интегрирање можности за плаќање. Според Андоновски, целта е административните постапки да се поедностават, а јавните услуги да станат подостапни за граѓаните.

Идејата за „м.Услуги“ започнала во 2024 година, по запознавањето со украинскиот модел „Дија“, а концептот е развиен во рамките на европскиот проект „GovTech4All“, преку програмата „Digital Europe“.

ЛИЧНАТА КАРТА И ВОЗАЧКАТА НА МОБИЛЕН, БЕЗ ОТКРИВАЊЕ НА СИТЕ ПОДАТОЦИ Еве што носи новиот електронски паричник

CATEGORIES
Share This