ГОЛЕМИ ПРОМЕНИ ВО АВТОИНДУСТРИЈАТА – Овие омилени автомобили исчезнуваат од пазарот во 2026

Големите автомобилски брендови ја менуваат стратегијата и се повлекуваат од помалку профитабилните сегменти.

ГОЛЕМИ ПРОМЕНИ ВО АВТОИНДУСТРИЈАТА – Овие омилени автомобили исчезнуваат од пазарот во 2026
Фото: Принтскрин

Зголемените трошоци за производство, построгите еколошки стандарди и сè поголемата насоченост кон електрификација предизвикуваат значајни промени во понудата на автомобилските производители. Веќе во 2026 година, голем број познати модели,  од мали градски автомобили до спортски кабриолети ќе исчезнат од пазарот.

Компанијата „Ауди“ ја намалува понудата во пониската класа. Моделите А1 и компактниот SUV Q2 ќе бидат повлечени од производство. А1 во своите најуспешни години достигнуваше речиси 30.000 продадени примероци годишно, но последните бројки се значително пониски. Од компанијата велат дека профитните маржи во овој сегмент не се доволни за да се одржи премиум позиционирањето на брендот. Производството на Q2 постепено се гаси по речиси 890.000 произведени единици.

Слични промени се случуваат и кај „Хјундаи“. Моделот i10, еден од најдостапните градски автомобили, се повлекува од пазарот оваа година. Од првичната цена од околу 10.000 евра, во последните генерации таа порасна на околу 15.000 евра. Неговиот електричен наследник Inster стартува од приближно 24.000 евра, што значи значително поскапување. Со ова практично завршува ерата на евтини мали автомобили со мотори со внатрешно согорување.

„BMW“ го завршува производството на моделот Z4, со што се затвора поглавјето на нивните родстери. Овој модел се произведуваше во Грац од 2018 година, а се направени над 55.000 примероци. Бидејќи ја дели платформата со „Toyota GR Supra“, и неговото производство постепено се укинува. „Тојота“ најави дека името Supra ќе продолжи во иднина со електрична верзија, додека BMW засега не планира нов родстер.

„Фолксваген“ ја прекинува долгата традиција на кабриолет модели. T-Roc Cabriolet, последниот отворен автомобил во нивната понуда, се повлекува по слаби продажни резултати и помалку од 10% од вкупната продажба на T-Roc. Оваа одлука влијае и на иднината на фабриката во Оснабрик, која со децении беше центар за производство на кабриолети.

Генерално, овие потези ја покажуваат насоката на автомобилската индустрија: се напуштаат помалку профитабилните сегменти, а фокусот се префрла кон електрични модели и поскапи возила со повисока заработка по примерок. За купувачите тоа значи помал избор во ниските ценовни класи и постепено исчезнување на класични типови автомобили како мали градски модели и кабриолети.

CATEGORIES
Share This