НЕМА КРАЈ НА ВОЗЕЊЕТО БЕЗ ВОЗАЧКА – МВР уапси осум возачи, шестмина никогаш не положиле
Во текот на едно деноноќие полицијата лишила од слобода осум лица низ државата поради безобѕирно управување возило

И покрај високите казни и построгите законски одредби, возењето без положен возачки испит и без возачка дозвола останува сериозен проблем на македонските патишта.
Во последниот дневен билтен, Министерството за внатрешни работи информира за осум лица лишени од слобода во текот на изминатото деноноќие поради кривично дело „безобѕирно управување со моторно возило“. Особено загрижува податокот дека шестмина од нив управувале возило без воопшто да имаат положено возачки испит.
Според информациите од МВР, шест лица биле затекнати како управуваат возило без положен возачки испит. Станува збор за Б.Р. (36) од Слатино, тетовско, З.С. (34) од Кичево, Д.Т. (40) од Миравци, гевгелиско, Е.Б. (24) и двајца 17-годишници од Скопје.
Дополнително, со 14-годишник од Велес бил извршен службен разговор во присуство на родител, откако било утврдено дека управувал мопед без возачка дозвола. Полицијата ги лишила од слобода и В.К. (44) од Скопје и Н.С. (26) од Охрид, кои управувале моторно возило и покрај тоа што имале активна забрана за управување.
Од МВР информираат дека по целосното документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави. Воедно, упатуваат апел до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат законските прописи и да не управуваат возила без соодветна дозвола.

