САВЕСКИ СО ПОРАКА ЗА АЛТА БАНКА Ќе се постапува по секоја кривична пријава, под лупа и актуелни функционери

Најави дека секој навод поврзан со Алта банка ќе биде проверен, а доколку се обезбедат цврсти докази, ќе има постапка без оглед на функцијата на осомниченото лице.

САВЕСКИ СО ПОРАКА ЗА АЛТА БАНКА Ќе се постапува по секоја кривична пријава, под лупа и актуелни функционери
Фото: Принтскрин

Јавното обвинителство ќе постапува по секоја кривична пријава поврзана со Алта банка, а надлежниот јавен обвинител ќе има обврска да ги провери наводите и да преземе соодветни истражни дејствија. Ова го порача државниот јавен обвинител Ненад Савески во телевизиско гостување.

Одговарајќи на прашањето дали Обвинителството ќе се вклучи во случајот со Алта банка по поднесените кривични пријави, Савески објасни дека секоја пријава што ќе пристигне во институцијата се распределува кај надлежен обвинител, кој мора да ги провери изнесените наводи.

Тој нагласи дека Обвинителството ги анализира и јавните повици за отворање постапки, без оглед од кого доаѓаат, но дека тоа не значи оти секој повик автоматски претставува основ за кривично гонење.

„Ние таквите повици ги анализираме секогаш. Меѓутоа, не секогаш во она на што нè повикуваат гледаме дека постои основ за покренување постапка“, изјави Савески.

Според него, обврска на обвинителството е да ги провери информациите, да ги истражи наводите и да собере докази, вклучително и во актуелниот случај со Алта банка. Во интервјуто Савески потврди дека Јавното обвинителство води предистражни постапки и истраги кои се однесуваат и на актуелни високи функционери. За дел од предметите засега не можат да бидат соопштени детали поради законската обврска за чување на тајноста на предистражната постапка.

Тој посочи дека јавноста се информира за истрагите откако тие ќе ја поминат предистражната фаза, додавајќи дека Обвинителството и во иднина ќе се придржува до оваа практика. Запрашан дали може да биде отворена постапка и против лице кое извршува висока државна функција, Савески порача дека законот важи подеднакво за сите.

„Доколку имаме кривично-правен настан во којшто сторител е било кој, вклучително и актуелни функционери, и за тоа собереме цврсти, несоборливи докази, секако дека ќе има постапка“, нагласи државниот јавен обвинител.

Савески се осврна и на големите судски предмети кои се веќе во судска фаза, оценувајќи дека нивниот исход ќе претставува професионален испит за Јавното обвинителство. Меѓу нив ги посочи случаите „Адитив“, „Мазут“, „Онкологија“, „Државна лотарија“ и „Беланоца“, како и постапките против апелацискиот судија Ѓоко Ристов и кардиологот Жан Митрев.

Според него, исходот од овие постапки ќе покаже дали обвинителите успеале со собраните докази да ги поткрепат обвиненијата пред судот. Тој оцени дека осудителна пресуда би значела дека обвинителот успешно го докажал обвинението, додека ослободителна пресуда, доколку обвинителот останал на обвинението, би се сметала за неуспех.

„Доколку добие ослободителна пресуда, а јавниот обвинител останал на обвинението, тоа е нешто што би се ценело како неуспех“, посочи Савески.

CATEGORIES
Share This