ИСТОРИСКИ МОМЕНТ ВО МОСКВА – Севернокорејски војници на парадата во Москва, Ким со честитка до Путин

Настаните во Москва и пораките од Пјонгјанг се толкуваат како знак на продлабочени воени и политички врски.

ИСТОРИСКИ МОМЕНТ ВО МОСКВА – Севернокорејски војници на парадата во Москва, Ким со честитка до Путин
Фото: Принтскрин

Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун упати честитка до рускиот претседател Владимир Путин по повод 81-годишнината од победата над фашизмот во Втората светска војна.

Во пораката, Ким во име на владата и народот на Северна Кореја испратил „искрени честитки до руското државно раководство и братскиот руски народ“ по повод Денот на победата.

Тој им оддаде почит на ветераните кои, како што истакна, „со својата храброст и патриотизам го поразиле фашизмот и ја одбраниле слободата и мирот во светот“.

Ким нагласи дека односите меѓу Пјонгјанг и Москва се наоѓаат на повисоко ниво и оцени дека двете земји „заедно создаваат нова историја на независност, достоинство, мир и просперитет“.

Тој ја потврди и намерата на Северна Кореја да развива „сеопфатно стратешко партнерство со сојузнички карактер“ со Русија, како и да ги исполнува обврските од меѓудржавниот договор меѓу двете држави.

„Пјонгјанг е секогаш со вас и со братскиот руски народ“, порача Ким.

Тој и посака на Русија „победа и слава“ во иднина, како и добро здравје и успех на Путин.

Во меѓувреме, во Москва се одржа воена парада по повод Денот на победата, на Црвениот плоштад, со присуство на државниот врв и воени единици. Рускиот претседател Владимир Путин во обраќањето го нарече овој ден „свет празник“ и истакна дека советскиот народ го спасил светот од нацизмот.

За прв пат, на парадата учествуваа и припадници на Севернокорејската народна армија, што беше забележано како историски момент.

За време на свеченоста беше одржана минута молчење за загинатите во Втората светска војна, по што следеше дефиле на воени единици под надзор на рускиот министер за одбрана.

Дополнително, беше истакнато дека севернокорејски војници учествувале во воени активности заедно со руските сили во Курската област, како и дека Пјонгјанг испратил помош во форма на мини за операции за деминирање во регионот.

CATEGORIES
Share This