ДУИ СЛАВЕШЕ 24 ГОДИНИ Од нула до власт, Ахмети откри како ДУИ стигна до врвот на политиката
Лидерот на ДУИ повика на заеднички договор меѓу албанските политички партии.

Демократската унија за интеграција (ДУИ) во Градскиот парк во Скопје одбележа 24 години од своето основање, на настан на кој присуствуваа членови, симпатизери и партиски функционери.
На прославата се обрати лидерот Али Ахмети, кој ги истакна, како што рече, постигнувањата на партијата во изминатите две и пол децении. Тој нагласи дека ДУИ започнала со минимална застапеност на Албанците во институциите, а денес, според него, таа бројка значително е зголемена.
Ахмети во говорот ги повика албанските политички партии на заеднички договор, со кој победникот од албанскиот политички блок би ги претставувал Албанците во идната влада.
„Почнавме од нула, со 1%–2% застапеност, а денес сме на 20%–22% во институциите, по две децении тежок процес. Не се откажавме од нашите определби. Почнавме од нула и стигнавме до премиер, до претседател на Собранието и до раководни позиции во многу институции“, изјави Ахмети.
Тој додаде дека ДУИ во изминатите 24 години ги претставувала граѓаните достоинствено и останала, како што рече, стабилна и организирана политичка сила во државата.
„Како што беше основана со јасна мисија и визија, ДУИ продолжува да биде автентичен глас на Албанците и на сите граѓани кои веруваат во еднаквост, демократија и интеграција“, истакна Ахмети.
На настанот присуствуваа и поранешниот премиер Талат Џафери, Бујар Османи, Арбер Адеми и други поранешни и актуелни партиски функционери. Во рамки на прославата беше пресечена и роденденска торта со логото на партијата и симболичниот број 24.
