ИЛЈАДНИЦИ РАБОТНИЦИ ЧЕКААТ НА ОВА Се предлага крај на договорите на дело во јавниот сектор
Институциите ќе имаат 90 дена за спроведување на постапката, а дел од вработувањата ќе се реализираат најдоцна до крајот на 2027 година.

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“ предлага законско решение со кое треба да се стави крај на долгогодишната неизвесност на лицата ангажирани со договори на дело и други привремени форми на работа во јавниот сектор.
Предлог-законот за трансформација во редовен работен однос денеска го претстави пратеникот Бојан Стојаноски, кој оцени дека со него се решава неправда што со години ги засега работниците кои ги извршуваат своите обврски во институциите, но немаат сигурност каква што нуди редовното вработување.
Според Стојаноски, зад проблемот не стојат само административни процедури, туку и луѓе и семејства кои долго време живеат во неизвесност за својата работна иднина.
Предложеното законско решение предвидува трансформација на повеќе видови договорни ангажмани во работен однос на неопределено време. Меѓу нив се договорите на определено време, договорите на дело, авторските договори и ангажманите преку агенции за привремени вработувања.
Опфатени би биле органите на државната власт, одредени јавни установи од областа на здравството, културата, детската и социјалната заштита, единиците на локалната самоуправа, јавните претпријатија, заводите, фондовите и другите институции утврдени со законот.
Правото на трансформација ќе се однесува на лицата кои имаат важечки договор на денот на стапувањето во сила на законот и ги исполнуваат условите во моментот на трансформацијата.
Предлогот предвидува институциите да имаат рок од 90 дена од стапувањето во сила на законот за склучување договори, односно донесување решенија за вработување. Трансформацијата ќе се спроведува во фази. За најмногу 50 проценти од опфатените лица, договорите или решенијата би стапиле во сила веднаш по потпишувањето, односно донесувањето, додека за останатите крајниот рок е 31 декември 2027 година.
Институциите ќе треба да ги усогласат актите за систематизација на работните места, доколку тоа е потребно, најдоцна во рок од 14 работни дена од стапувањето во сила на законот.
Една од клучните одредби на предложеното решение е заштитата на лицата додека се спроведува постапката за трансформација. Според предлогот, институциите нема да смеат да ги раскинуваат договорите на опфатените лица пред да стапат во сила нивните решенија за вработување, освен во случаи на повреда на договорните обврски согласно законот.
„Воспоставуваме механизам луѓето да не ја изгубат работата додека чекаат да се реализира нивната трансформација“, истакна Стојаноски.
Предлог-законот предвидува и механизам за да се спречи повторно создавање на истиот проблем во иднина. Од 1 јануари 2028 година, институциите опфатени со законот ќе можат да ангажираат лица преку определени видови договори во обем од најмногу 10 проценти од вкупниот број вработени на крајот од претходната година.
Предвидени се исклучоци, меѓу другото, за еднократни проекти и проектни единици финансирани од странски извори, правни и сметководствени услуги и одредени специјализирани стручни ангажмани. Во определени случаи ќе биде можно надминување на лимитот до четири месеци во една фискална година, со претходна финансиска согласност.
За раководните лица кои нема да ги почитуваат ограничувањата се предвидуваат прекршочни глоби од 250 до 500 евра во денарска противвредност.
Предлогот не ги опфаќа сите институции во јавниот сектор. Од примената се изземени акционерските друштва, воениот и цивилниот персонал во Армијата, основните и средните училишта, ученичките и студентските домови, како и високообразовните и научните установи.
Изземени се и клучни безбедносни институции, меѓу кои Министерството за внатрешни работи, Агенцијата за национална безбедност, Агенцијата за разузнавање, Бирото за јавна безбедност, Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, Управата за финансиска полиција и Управата за финансиско разузнавање.
Министерството за финансии ќе има важна улога во контролата на процесот, преку проверка на документацијата и издавање согласности за обезбедени финансиски средства. Согласност може да не биде издадена доколку не се исполнети законските услови или нема расположливи буџетски средства.
Стојаноски оцени дека целта на предложениот закон не е само да се реши постојниот проблем, туку и да се воспостават правила што ќе спречат привремените договори да станат трајна замена за редовното вработување.
„За некого ова е само уште еден закон. За илјадници наши сограѓани ова е надеж дека конечно ќе можат посигурно да ја планираат својата иднина“, порача пратеникот.
Предлог-законот допрва треба да ја помине законската постапка. Доколку биде усвоен, неговата примена ќе зависи од исполнувањето на предвидените услови, финансиските согласности и роковите за трансформација.

