АБАЗИ ЗАМИНУВА, ХАЏИ ВАСИЛЕВА ДОАЃА Избор за шеф на Обвинителството за организиран криминал

Според неофицијалните информации на Национал Хаџи Василева освоила најмногу гласови во трката за шеф на Обвинителството за организиран криминал и корупција, со тесна предност пред Трајче Пеливанов.

АБАЗИ ЗАМИНУВА, ХАЏИ ВАСИЛЕВА ДОАЃА Избор за шеф на Обвинителството за организиран криминал
Фото: Принтскрин

Обвинителката Искра Хаџи Василева е неофицијалниот победник на изборите за нов раководител на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), дознава Национал од свои извори.

Според првичните неофицијални резултати до кои дојде „Национал“, Хаџи Василева добила најголема поддршка од колегите обвинители, но со мала предност пред второпласираниот кандидат Трајче Пеливанов.

За раководното место во Обвинителството за организиран криминал и корупција конкурираа петмина јавни обвинители: Искра Хаџи Василева, Фатон Азизи, Трајче Пеливанов, Јован Цветановски и Лидија Раичевиќ.

Изборот се спроведе преку непосредно и тајно гласање, а право на глас имаа вкупно 187 јавни обвинители од целата држава. Гласањето траеше од 8 до 16 часот, додека конечните резултати треба да бидат сумирани и официјално соопштени на јавна седница.

Изборот на нов раководител следува по истекот на мандатот на досегашниот шеф Ислам Абази, кој беше избран на функцијата во 2022 година и не се кандидираше за уште еден мандат. Новиот раководител ќе застане на чело на една од најзначајните обвинителски институции во државата, надлежна за гонење организиран криминал и корупција.

Сепак, изборната постапка сè уште не е формално завршена. Кандидатите и избирачите имаат законско право да поднесат приговори, а официјалното потврдување на резултатите допрва се очекува.

CATEGORIES
Share This