НЕМА ПЛАТА, НЕМА СИГУРНОСТ Дали системот ги заборави работниците на Детската клиника?“

Барањата за продолжување на договорите одбиени без јасно објаснување.

НЕМА ПЛАТА, НЕМА СИГУРНОСТ Дали системот ги заборави работниците на Детската клиника?“
Фото: Принтскрин

Вработените во Клиниката за детски болести денеска излегоа на протест пред Министерството за финансии, изразувајќи незадоволство затоа што од почетокот на годината не примиле плата и сè уште немаат продолжени договори за работа. Тие побараа итно решавање на статусот на околу 50 здравствени работници кои, како што велат, со месеци работат без примања и без сигурност за нивната иднина.

Според нив, барањата за продолжување на договорите биле поднесени уште во јануари, но наместо позитивен одговор добиле одбивање. Дел од вработените тврдат дека проблемот се провлекува со години и дека институциите постојано го одложуваат неговото конечно решавање.

„Не ни е јасно зошто толку долго се чекаше на одговор, а на крај добивме одбивање. Работевме до крајот на мај, а никој не ни објасни зошто за други здравствени установи има одобренија, а за нас не“, изјавиле дел од присутните.

По протестот, претставници на вработените оствариле средба во Министерството за финансии, каде што им било ветено дека во наредните денови ќе се испита каде настанал застојот во постапката и дека во рок од една недела ќе добијат конкретни информации.

Вработените посочуваат дека очекуваат институциите да покажат разбирање, особено затоа што меѓу нив има лица со долгогодишно искуство на Клиниката за детски болести и значајна улога во здравствениот систем.

Тие додаваат дека проблемот не е само финансиски, туку и кадровски, бидејќи неизвесноста околу нивниот статус го отежнува функционирањето на Клиниката. Засега велат дека ќе ги почекаат најавените одговори, но доколку нема решение, не ја исклучуваат можноста за нови протести.

CATEGORIES
Share This