ДИМИТРОВ ЗА СИЉАНОВСКА – Добро е, се освести и сега го фали Преспанскиот договор
Димитров тврди дека претседателката го променила ставот за Преспанскиот договор по нивен разговор пред една година.

Поранешниот министер за надворешни работи, Никола Димитров, кој е еден од потписниците на Преспанскиот договор, тврди дека пред околу една година ѝ укажал на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на, како што вели, неточни ставови во нејзините оценки за договорот, а таа сега делумно го променила својот став.
Во објава на Фејсбук, Димитров реагира на изјавите на Сиљановска-Давкова дека со Преспанскиот договор се заштитени македонскиот јазик, идентитет и култура. Тој оценува дека ваквиот став треба да се поздрави и додава дека и други кои, според него, се грижат за државата треба да застанат на слични позиции.
Димитров во истата објава го нарекува таканаречениот „француски предлог“ дебакл и тврди дека не може да се споредува со Преспанскиот договор, особено поради одредбите од Вториот протокол. Воедно, упатува критики кон опозицијата за поддршката на овој предлог додека била на власт.
„Опозицијата нема право да ликува и да се потсмева дека некој сменил став, додека самата не признава дека направила голема грешка со прифаќањето на пакетот што нѐ упропасти“, наведува Димитров.
Тој додава дека од политичките актери очекува јавно признавање на грешките и поголема одговорност кон државните прашања.
