СЕ ЗАПОЧНА ВО ЕДНА КУЌА ВО СОЛУН 133 години од историскиот завет за слободна Македонија
На 23 октомври 1893 година беа поставени темелите на Македонската револуционерна организација, која стана симбол на борбата за слобода и автономија.

Македонија денеска го слави 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба, празник што го симболизира стремежот на македонскиот народ за слобода, самостојност и сопствена државност.
На овој ден во 1893 година, во Солун биле поставени темелите на Македонската револуционерна организација, која подоцна станала позната како Внатрешна македонско-одринска револуционерна организација (ВМОРО). Нејзината основна цел била извојување автономија на Македонија преку организирана револуционерна борба.
Најзначајниот историски момент во дејствувањето на Организацијата било Илинденското востание во 1903 година, кое претставува една од најважните етапи во македонската борба за слобода. Истата година било организирано и Преображенското востание во Одринска Тракија.
Историското основачко собрание се одржало на 23 октомври 1893 година според стариот календар, односно на 5 ноември според новиот, во домот на книжарот Иван Хаџи Николов во Солун. На состанокот учествувале шестмина револуционери и интелектуалци: Христо Татарчев, лекар од Ресен, Даме Груев, учител од битолското село Смилево, Петар Поп Арсов, учител од велешкото село Богомила, Иван Хаџи Николов, книжар од Кукуш, Антон Димитров, учител од солунското село Ајватово, и Христо Батанџиев, учител од Гуменџа.
Нивната идеја за организирана борба против османлиската власт набргу добила поддршка меѓу младите и образованите Македонци. Револуционерните идеи првично се ширеле меѓу учениците во Солунската бугарска машка гимназија, каде што биле формирани тајни кружоци и конспиративни групи. По завршувањето на образованието, многумина од нив се враќале во родните места и активно се вклучувале во ширењето на револуционерното движење.
Со текот на времето, Организацијата изградила мрежа од месни комитети низ Македонија и Одринска Тракија. Паралелно со политичката и организациската активност, започнало и формирањето вооружени чети, како и тајното снабдување со оружје.
По повод државниот празник, во Македонскиот народен театар ќе се одржи свечена академија под мотото „Свои на своето!“. На свеченоста е предвидено обраќање на претседателот на Владата, Христијан Мицкоски.
Почит на основачите на македонското револуционерно движење ќе им оддаде и делегација на Собранието, предводена од потпретседателот Антонијо Милошоски, во чиј состав се пратеничките Велика Стојкова-Серафимовска и Даниела Николова. Собраниската делегација ќе положи венец со свежо цвеќе пред Споменикот на основачите на ВМРО во паркот „Жена борец“ во Скопје.
Во рамки на празничните активности, денеска во 11 часот во Кристалната сала на Собранието ќе се одржи свеченото доделување на државната награда „23 Октомври“ за 2026 година. Признанието се доделува за долгогодишни и значајни достигнувања во науката, културата, образованието, заштитата на државните интереси и афирмацијата на националните вредности и културно-историското наследство.
Годинашни добитници се актерот Ѓорѓи Јолевски, за остварувања во областа на културата и уметноста, како и историчарот проф. д-р Стојко Стојков и археологот проф. д-р Виктор Лилчиќ Адамс, за нивните достигнувања во областа на науката.
Денот на македонската револуционерна борба беше одбележан и во македонскиот Културно-информативен центар во Софија, каде што во средата вечерта се одржа културно-историски настан под наслов „Во светлината на слободната“. Настанот беше посветен на историските процеси што го обликувале македонското револуционерно движење, идеалите за слобода и национално достоинство, како и на животот и делото на Даме Груев, еден од основачите на Македонската револуционерна организација.
Со денешните свечености, Македонија оддава почит на генерациите револуционери кои со својата борба оставиле длабока трага во националната историја и ги поставиле темелите на стремежот за слободна и самостојна македонска држава.

