ПРЕСВРТ ВО СТАВОТ – Преспанскиот договор е реалност
Претседателката прави резиме по две години мандат и ги истакнува клучните постигнувања.

По две години од преземањето на функцијата, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во интервју за Македонското радио оцени дека нејзиниот мандат досега бил успешен, особено во насока на зајакнување на меѓународната видливост на државата, унапредување на интегритетот на претседателската функција и подобрување на директната комуникација со граѓаните.
Таа истакна дека „многу работи се придвижиле“, нагласувајќи дека нејзиното долгогодишно искуство во европските институции придонело за поголема препознатливост на државата во меѓународната политика.
Претседателката посочи и на зацврстување на институционалниот интегритет преку активностите на телата во нејзина надлежност, повторното отворање на Народната (отворена) канцеларија, соработката со Младинскиот совет, како и организацијата на конференцијата „Македонија 2025“.
Најголем дел од разговорот го посвети на евроинтеграциите и односите со Бугарија, при што повтори дека постојат двојни стандарди во односот на Европската унија кон Македонија.
Таа ги отфрли оценките дека „држи лекции“ на европските претставници, наведувајќи дека нејзините ставови се насочени кон укажување на недоследности и потребата од почитување на Копенхашките критериуми и основните вредности на ЕУ.
Сиљановска-Давкова се повика на Лисабонскиот договор, Повелбата за фундаментални права и практиката на Европскиот суд за човекови права, нагласувајќи дека Унијата мора да го почитува националниот и културниот идентитет на државите.
Таа оцени дека прашањата за македонскиот јазик, историја и култура се веќе затворени, и дека барањата за уставни измени надвор од европското право не се прифатливи.
Според неа, Македонија ги надминува стандардите за заштита на малцинските права во споредба со дел од земјите членки на ЕУ, при што ги спомена Франција и Грција како примери кои не ги имаат ратификувано сите релевантни конвенции.
Таа повтори дека Преспанскиот договор е спорен од аспект на меѓународното и домашното право, но нагласи дека тој веќе е реалност.
Истовремено, додаде дека договорот го потврдува постоењето на македонскиот народ, јазик и култура, што според неа го оправдува користењето на името Македонија.
Претседателката изрази задоволство што дел од европските претставници, меѓу кои го спомена и претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта, сè повеќе ја нагласуваат потребата од гаранции за земјата во процесот на европска интеграција.
