ЖЕШКО ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ ОД ССМ Работодавачите да ја прекинат работата на отворено
Синдикатот бара итни мерки за заштита на работниците од екстремно високите температури, особено во најтоплите делови од денот.

Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) апелира до работодавачите да ги почитуваат мерките за безбедност и здравје при работа поради најавените високи температури и да преземат соодветни мерки за заштита на работниците. Од ССМ бараат да се намали, а во најтоплите делови од денот и да се прекине работата на отворено, како и работодавачите да ги обезбедат сите потребни средства и услови за заштита на животот и здравјето на вработените.
„Потребно е да се почитуваат мерките за заштита и претпазливост при високи амбиентни температури, за што веќе објави препораки и Институтот за јавно здравје“, велат од ССМ.
Синдикатот посебно укажува дека мерките за заштита треба доследно да се применуваат кај повозрасните работници, хронично болните и бремените работнички, кои се изложени на дополнителни ризици при екстремно високи температури. Од ССМ нагласуваат дека заштитата на здравјето и животот на работниците мора да биде приоритет.
„Значењето на животот и здравјето на работниците во услови на екстремно високи температури е од исклучителна важност. Сите заедно треба да го зачуваме здравјето на работниците и граѓаните – тие се двигатели на општеството“, посочуваат од синдикатот.
ССМ упатува и порака до работодавачите да се грижат за своите вработени, нагласувајќи дека работниците „се ваши партнери“. Од синдикатот ги повикуваат и работниците да ги почитуваат мерките за безбедност и здравје при работа и да реагираат доколку нивните права не се почитуваат.
„Работници, почитувајте се и спроведувајте ги мерките за безбедност и здравје при работа. Доколку тоа право не ви се почитува, пријавете кај вашиот синдикален претставник, претставникот на работниците за БЗР или во Државниот инспекторат за труд“, велат од ССМ.
Непочитувањето на работничките права и правата од областа на безбедноста и здравјето при работа може да се пријави и директно во ССМ на prijavi@ssm.org.mk, како и преку мобилната апликација „ССМ – мои работнички права“.

