ШТО ПОДГОТВУВААТ БЕРЛИН И ПАРИЗ Нуклеарните вежби ја кренаа Москва на нозе
Германија оваа есен за првпат ќе се приклучи на француските вежби за нуклеарно одвраќање, што предизвика остра реакција од Москва.

Претстојните заеднички нуклеарни вежби на Германија и Франција предизвикуваат сериозна загриженост во Москва, изјави рускиот амбасадор во Германија, Сергеј Нечаев.
Според него, постои разлика меѓу официјалните уверувања на германското раководство дека земјата не се стреми кон стекнување нуклеарен статус и практичните чекори што ги презема Берлин.
„Германското раководство со зборови тврди дека Германија не се стреми кон нуклеарен статус и ја потврдува својата посветеност на меѓународните правни обврски што го определуваат нејзиниот ненуклеарен статус. Но, во пракса гледаме нешто сосема поинакво“, изјавил Нечаев, според соопштението на руската амбасада во Германија.
Рускиот дипломат посочил дека во рамки на планираните активности со Франција ќе се вежбаат и сценарија поврзани со употребата и испораката на нуклеарно оружје.
„Ако на секој можен начин го нагласувате својот ненуклеарен статус, тогаш зошто спроведувате такви вежби?“, прашал Нечаев.
Тој додал дека Русија внимателно ќе ги следи случувањата поврзани со нуклеарната соработка меѓу двете европски земји.
Германија оваа есен, според претходните информации на германската телевизија НТВ, за првпат ќе се приклучи на француските вежби посветени на нуклеарното одвраќање. Информацијата била потврдена и од претставник на германската влада.

