ЕВРОПА ПРЕД ЕНЕРГЕТСКИ УДАР Дали Македонија ќе плати

Ниските водостои и екстремните температури го намалуваат производството во делови од Европа, додека расте потрошувачката – Министерството уверува дека домашниот систем засега е стабилен.

ЕВРОПА ПРЕД ЕНЕРГЕТСКИ УДАР Дали Македонија ќе плати
Фото: Принтскрин

Долготрајните високи температури и намалените водостои на Рајна, Дунав и други европски реки веќе влијаат врз производството на електрична енергија во дел од Европа. Намаленото производство од хидроцентралите, проблемите со ладењето на нуклеарните централи и зголемената потрошувачка поради топлотниот бран ги зголемија притисоците врз енергетските системи.

Од Министерството за енергетика уверуваат дека во Македонија во моментов нема непосреден ризик за сигурноста на снабдувањето со електрична енергија. Состојбата со домашните акумулации е стабилна, со исполнетост од околу 70 проценти, што овозможува планирано производство од хидроцентралите.

Според податоците на Државниот завод за статистика, во мај Македонија произвела 462.653 MWh електрична енергија, со што биле покриени 96,5 проценти од домашната потрошувачка. Производството од хидроелектраните е зголемено за 76 проценти во однос на истиот период лани, а кај ветерните електрани има раст од околу 10 проценти.

Во бруто производството најголемо учество имале термоелектраните со 31,7 проценти, соларните централи со 31 процент и хидроцентралите со 29,8 проценти. Ветерните електрани учествувале со 6,8 проценти.

Сепак, Македонија и натаму е нето увозник на електрична енергија, што значи дека не е целосно изолирана од движењата на регионалниот пазар. Доколку поради топлотниот бран понудата во Европа продолжи да се намалува, а побарувачката да расте, последиците најпрво би можеле да се почувствуваат преку повисоките берзански цени на струјата.

Од Министерството посочуваат дека состојбата континуирано се следи, а паралелно се инвестира во нови производни капацитети и складирање на енергија. Во тек е втората фаза од ветерниот парк „Богданци“, а се реализираат и проектите „Битола 1“ и „Осломеј 2“, додека се подготвуваат „Битола 2“ и „Битола 3“.

Дополнително, земјата работи на гасниот интерконектор со Грција и подготовките за интерконектор со Србија, како и на приклучувањето кон Вертикалниот гасен коридор.

Заклучокот засега е дека Македонија нема непосредна опасност од недостиг на струја, но останува изложена на европските ценовни шокови поради зависноста од увозот.

CATEGORIES
Share This