ВНИМАВАЈТЕ АКО ПАТУВАТЕ Штрајк и метеж на границата, возачите со важно предупредување

На „Богородица“ се чека околу 30 минути, а дополнителен метеж се очекува поради најавениот штрајк на грчките цариници.

ВНИМАВАЈТЕ АКО ПАТУВАТЕ Штрајк и метеж на границата, возачите со важно предупредување
Фото: Национал

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, главно по суви коловози. Интензитетот на сообраќајот надвор од градските средини е зголемен, а поголема фреквенција на возила е регистрирана на граничниот премин „Богородица“, каде времето на чекање е околу 30 минути.

Дополнителен метеж може да има поради најавениот штрајк на царинските службеници на грчките гранични премини Евзони (Богородица), Дојрани (Дојран) и Ники (Меџитлија).

Според информациите на МВР, на 27 јули, од 05:00 до 09:00 часот по македонско време, патничките возила ќе се пропуштаат на секои 10 минути, додека товарниот сообраќај целосно ќе биде во прекин за влез и излез од Грција.

На останатите гранични премини од македонска страна нема подолги задржувања.

АМСМ апелира до возачите да ја прилагодат брзината, да ја почитуваат поставената сообраќајна сигнализација и да бидат особено внимателни на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде постои опасност од одрони. Зголемено внимание се препорачува на делниците Катланово–Велес, Маврово–Дебар–Струга, Виница–Берово и Кочани–Делчево.

ЛЕТЕН РЕЖИМ И ЗАБРАНИ ЗА ТЕШКИ ТОВАРНИ ВОЗИЛА

Од 15 април, патниот правец Охрид–Ресен, преку Националниот парк „Галичица“, е отворен за сообраќај за сите видови возила до 3,5 тони.

Од 1 јули до 31 август важи летен режим на сообраќај, со забрана за движење на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони во одредени периоди за време на викендите и при екстремно високи температури.

Забраната важи:

  • во петок од 17:00 до 22:00 часот;
  • во сабота од 09:00 до 18:00 часот;
  • во недела од 09:00 до 22:00 часот.

При екстремно високи температури, забраната важи и од понеделник до четврток, од 11:00 до 17:00 часот.

Ограничувањето не се однесува на возила што превезуваат животни, цвеќе, хуманитарна помош, жито и житни култури, леснорасиплива стока, нафта и нафтени деривати, опасни материјали, како и возила ангажирани за реализација на проекти на државните патишта.

Посебен режим важи и на магистралниот пат А2, на делницата Скопје–Охрид–Скопје, каде до 1 септември е забрането движењето на тешки товарни возила со вкупна маса над 7,5 тони во одредени термини за време на викендите.

Овој режим е воведен во летниот период со цел да се избегнат сообраќајни застои кон Охрид, да се намалат гужвите на наплатните станици и да се овозможи побрз проток на возила.

РАБОТИ НА ПАТИШТАТА

Поради градежни и санациони активности, на повеќе патни правци во земјава се воспоставени времени режими на сообраќај.

Од 6 јули трае времената измена на сообраќајот поради санација на мостот на реката Брегалница на регионалниот пат Р1204 во Штип. Режимот ќе важи до завршување на санацијата.

Времен режим е воспоставен и на државниот пат А2, на делницата Гостивар–Стража, каде се врши санација на мостовите – Вијадукт на Атанасова Река и Вијадукт на Дол. Изменетиот режим ќе трае до завршување на градежните активности.

Работи се изведуваат и на мостовите на А2 над реката Вардар, во близина на село Желино, во двата правци, Скопје–Желино и Желино–Скопје.

На автопатот А1 „Пријателство“, на делницата Смоквица–Гевгелија, се изведуваат активности за поставување премин на интерконективен гасовод под автопатот, поради што е поставена соодветна сигнализација за времен режим на сообраќај.

На скопската обиколница, на државниот пат А2, се врши рехабилитација на делница во должина од 250 метри, од клучката Волково до клучката Кондово. Затворена е левата сообраќајна лента за претекнување, а сообраќајот се одвива по средната и десната лента.

Времен режим е воспоставен и на регионалниот пат Р1202, на делницата Косоврасти–Мелнички Мост, поради санација на свлечиште.

Во рамки на изградбата на Коридорот 10Д, во сила е времен режим и на патниот правец Прилеп–Битола. Движењето на возилата се пренасочува по регионалниот пат Прилеп–Битола, на потегот од клучката Лагово до Тополчани.

CATEGORIES
Share This