ПОЧИНА ГОЦЕ ТОДОРОВСКИ Македонската публика загуби уште еден омилен актер

На 75-годишна возраст почина познатиот македонски актер Гоце Тодоровски. Тажната вест ја соопшти неговата ќерка Сашенка, која се прости од својот татко преку социјалните мрежи.

ПОЧИНА ГОЦЕ ТОДОРОВСКИ Македонската публика загуби уште еден омилен актер
Фото: Принтскрин

Познатиот македонски актер Гоце Тодоровски почина синоќа на 75-годишна возраст. Тажната вест ја соопшти неговата ќерка Сашенка Тодоровска преку социјалните мрежи.

„Го изгубивме, се предаде Гоце Тодоровски. Почина. Фамилијата Тодоровски ја објавува најтажната вест. По голема борба го напушти овој свет. Лесна ти земја, татко мој, вечен непребол. Душата не умира, а телото е премногу истрошено сега. Летај со ангелите“, напиша таа.

Гоце Тодоровски е роден на 30 април 1951 година во Кичево. По дипломирањето на Факултетот за драмски уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, каде што студирал во класата на професорот Илија Џувалековски, се вработил во Драмскиот театар во Скопје.

Во текот на својата богата кариера настапувал и во други театри и учествувал во голем број театарски претстави, телевизиски серии, филмови и хумористични радиоемисии.

Соработувал со голем број познати македонски режисери, меѓу кои Слободан Унковски, Коле Ангеловски, Димитар Станковски, Владимир Милчин и Димитрие Османли.

Публиката го памети по неговите улоги во популарните телевизиски серии и емисии, меѓу кои „Македонски народни приказни“, „Итар Пејо“, „Булки кај шините“, „Ајде да се дружиме“, „Трето доба“, „Хихирику“, „Во светот на бајките“, „Бушава азбука“, „Солунски патридии“, „Трст виа Скопје“ и „Чук, чук Стојанче“.

Тодоровски остави трага и во македонската кинематографија, со настапи во филмовите „Шеќерна приказна“, „Учителот“, „Црвени“, „Тетовирани души“, „Среќна Нова ’49“, „Викенд на мртовци“, „Бол“ и „Женски оркестар“.

За својот долгогодишен придонес во македонската култура и уметност добил бројни признанија и награди. Минатата година му беше доделена и државната награда „23 Октомври“ за особени достигнувања во областа на културата и уметноста.

Со неговото заминување, македонската културна сцена загуби еден од своите препознатливи актери, кој со децении беше присутен во театарот, филмот и телевизијата.

CATEGORIES
Share This