НОВ АМЕРИКАНСКИ ПРОЕКТ ЗА МАКЕДОНСКАТА ЕНЕРГЕТИКА Се подготвува центар за заштита од сајбер-напади

Иницијативата се развива во рамките на програмата „Falcon“, во соработка со глобалната компанија BAE Systems и со поддршка од Амбасадата на САД.

НОВ АМЕРИКАНСКИ ПРОЕКТ ЗА МАКЕДОНСКАТА ЕНЕРГЕТИКА Се подготвува центар за заштита од сајбер-напади
Фото: Принтскрин

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, присуствуваше на работниот состанок на кој беа презентирани резултатите од проценката и теренските анализи на ИТ-системите на Министерството.

Експертите од BAE Systems го оцениле ИТ-тимот на Министерството како еден од најподготвените со кои досега соработувале, посочувајќи ја неговата посветеност на сајбер-безбедноста и примената на меѓународните стандарди.

Главна тема на состанокот беше можноста за воспоставување секторски Центар за безбедносни операции (SOC), кој треба да овозможи навремено откривање на дигиталните закани и координирано реагирање во енергетскиот сектор. Се разгледувале и можностите за финансирање на проектот преку европските фондови и Реформската агенда.

Целта е институциите во енергетскиот сектор да добијат посовремени механизми за следење и спречување сајбер-инциденти, со што би се заштитиле критичната инфраструктура и континуитетот на испораката на енергија и енергетски услуги за граѓаните и стопанството.

Министерката Божиновска истакна дека заштитата на информациската инфраструктура е еден од предусловите за стабилно функционирање на енергетскиот систем.

„Заштитата на ИТ-инфраструктурата е клучна за нашата енергетска стабилност. Со градењето на овој секторски центар и со поддршка од нашите стратешки партнери, обезбедуваме современа заштита од дигитални закани и гарантираме непречено функционирање на енергетскиот систем“, изјави Божиновска.

На состанокот повторно било потврдено стратешкото партнерство и заедничката определба за зајакнување на критичната инфраструктура и енергетската безбедност на земјата, соопшти Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.

CATEGORIES
Share This