САМСУНГ ГАЛЕРИЈА Овозможува полесен пристап до фотографиите и видеата на различни Galaxy уреди

Синхронизирајте фотографии и видеа со корисничките профили на Samsung и Google што веќе ги користите

САМСУНГ ГАЛЕРИЈА Овозможува полесен пристап до фотографиите и видеата на различни Galaxy уреди
Фото: APRA BCG

Како што луѓето ги “фаќаат”, зачувуваат и прегледуваат спомените на повеќе уреди, како мобилни телефони и таблети, чувањето на тие моменти безбедни и лесно достапни станува сè поважно. За да се задоволи оваа растечка потреба, Самсунг (“Samsung”) нуди услуга за синхронизација на Галеријата (Gallery) во соработка со Гугл (“Google”)[1].

Синхронизацијата на “Samsung” галеријата со просторот за зачувување на “Google” овозможува пристап до фотографии и видеа на сите поддржани Galaxy уреди. Почетокот е едноставен. Ако вашите кориснички профили на “Samsung” и “Google” се поставени на уредот, можете да ја овозможите синхронизацијата во галеријата без да креирате посебна сметка на облак (cloud).

Исто така, можете лесно да се префрлате од еден на друг уред, додека вашите фотографии и видеа ви се на дофат. На пример, фотографирајте на вашиот Galaxy телефон и прегледајте ги во галеријата на вашиот таблет. Најавете се со истите кориснички сметки на “Samsung” и “Google” и овозможете синхронизација на секој поддржан уред[2].

При поставување нов Galaxy уред, најавете се со истите кориснички сметки на “Samsung” и “Google” што сте ги користеле за синхронизација на галеријата на вашиот претходен уред. Вклучете ја синхронизацијата за да ги видите прегледите на вашите фотографии и видеа[3]. Ако ви е потребна оригинална датотека, можете да ја изберете посакуваната и лесно да ја преземете на вашиот уред.

За да ви помогне да направите простор за повеќе спомени, “Samsung” воведува нова функција што ви овозможува да ослободите простор на вашиот уред[4]. Откако фотографиите и видеата ќе се синхронизираат со “Google” просторот за складирање, можете да ја користите функцијата “Ослободи простор”, опција за отстранување на оригиналните датотеки од уредот и ослободување на простор на уредот, додека фотографиите во минијатурен приказ остануваат видливи во галеријата.

Синхронизацијата на галеријата го користи достапниот простор на вашиот “Google” кориснички профил, кој е заеднички за “Gmail”, “Google Drive” и “Google Photos”. “Google” профилите вклучуваат до 15 GB бесплатно[5].

Поддршката е првично достапна на одредени Galaxy уреди што користат One UI 9 и постепено ќе се проширува. За да ја поставите синхронизацијата, допрете на иконата за облак во галеријата или изберете на “Започни” на картичката со совети. Алтернативно, можете да ги отворите поставките во апликацијата “Галерија”, да ја вклучите опцијата “Синхронизирај фотографии и видеа” и да ги следите упатствата на екранот.

За “Samsung Electronics Co., Ltd.”

“Samsung” го инспирира светот и ја обликува иднината со трансформативни идеи и технологии. Компанијата го редефинира светот на телевизорите, паметните телефони, уредите за носење, таблетите, дигиталните уреди, мрежните системи и меморија, LSI системите и LED решенијата.

“Samsung” исто така ги унапредува технологиите за медицинско снимање, HVAC решенијата и роботиката, додека создава иновативни автомобилски и аудио производи преку “Harman”. Со својот екосистем SmartThings, отворената соработка со партнерите и интеграцијата на вештачката интелигенција низ целото свое портфолио, “Samsung” нуди беспрекорно и интелигентно поврзано искуство. За најновите вести, ве молиме посетете ја страницата “Samsung” Новости: https://www.samsung.com/mk/news/.

Често поставувани прашања

Што претставува синхронизацијата на “Samsung” галерија со “Google” просторот за складирање и кои се нејзините придобивки?

Синхронизацијата на “Samsung” галерија ги складира фотографиите и видеата во Google просторот за зачувување поврзан со вашиот “Google” кориснички профил, овозможувајќи ви пристап до нив на сите поддржани Galaxy уреди. Секој уред мора да ги користи истите кориснички профили на “Samsung”  и “Google” за да има овозможена синхронизација. На нов Galaxy уред, можете да гледате прегледи без претходно да ја преземете целата ваша синхронизирана библиотека.

Дали ми треба различна апликација или нов профил?

Синхронизацијата на “Samsung” галерија функционира во апликацијата Галерија (“Gallery”). Со поставени “Samsung” и “Google” кориснички профили на вашиот уред, не ви е потребен посебен профил на облак (“cloud”).

Кои уреди и пазари ја поддржуваат синхронизацијата на Галеријата со “Google” просторот за зачувување?

Синхронизацијата на “Samsung” галеријата е достапна на одбрани Galaxy телефони и таблети со One UI 9, а поддршката се проширува во фази. Достапноста варира во зависност од пазарот.

Како да ја вклучам синхронизацијата на галеријата со “Google”  просторот за складирање?

На поддржан уред Galaxy, допрете на иконата Облак во “Samsung” галеријата или отворете ги Поставките на Галеријата и вклучете го “Синхронизирај фотографии и видеа”. Следете ги упатствата на екранот. За пристап на друг поддржан уред, најавете се со истите сметки на “Samsung” и “Google” и овозможете ја синхронизацијата таму.

Дали треба да ја преземам целата моја библиотека на нов Galaxy уред?

Не. На поддржан Galaxy уред, најавете се со истите кориснички профили на “Samsung” и “Google” што сте ги користеле за синхронизација на галеријата на вашиот претходен уред, а потоа овозможете ја синхронизацијата. Можете да прегледувате прегледи од вашите синхронизирани фотографии и видеа додека оригиналите остануваат во просторот за складирање на “Google”.

Колку простор за складирање можам да користам за синхронизација на “Samsung” галерија?

“Google” корисничките сметки вклучуваат до 15 GB бесплатен простор за складирање, кој е наменет за синхронизацијата на галерија, “Gmail”, “Google Drive” и “Google Photos”. Количината достапна за синхронизација на Галерија зависи од тоа колку простор веќе се користи. Повеќе простор за складирање е достапен преку платените планови на “Google One”. Ако сте претплатени на “Google One”, изберете ја сметката поврзана со вашиот план.

Дали фотографиите и видеата од мојот “Google” кориснички профил се појавуваат во “Samsung”  Галерија?

При лансирањето, “Samsung” галерија прикажува само фотографии и видеа синхронизирани преку галеријата откако ќе ја овозможите синхронизацијата со “Google” просторот за складирање. Содржината зачувана во “Google” просторот за складирање пред тоа не се појавува автоматски.

Што се случува со фотографиите и видеата што ги синхронизирав од “Samsung Gallery” на “OneDrive”?

Фотографиите и видеата синхронизирани на “OneDrive” остануваат достапни преку неговата апликација или веб-страница. Директната синхронизација помеѓу “Samsung Gallery” и “OneDrive” ќе престане на 30 септември 2026 година.

Што се случува ако избришам синхронизирана фотографија или видео во “Samsung Gallery”?

Бришењето на синхронизиран елемент во “Samsung Gallery” исто така го отстранува и од поврзаниот “Google” простор за зачувување и од другите поврзани “Galaxy” уреди на кои сте најавени со истите “Samsung” и “Google” кориснички профили.

[1] Услугата може да не е достапна на некои пазари поради регионални ограничувања за достапност на услугата. Услугата е достапна на одредени уреди со One UI 9, а поддршката постепено се проширува и на други Galaxy уреди.

[2] При лансирањето, фотографиите и видеата од облакот прикажани во “Samsung“ Галерија се ограничени на содржината синхронизирана преку Галеријата откако ќе се овозможи услугата. Фотографиите и видеата претходно зачувани во “Google“ просторот за складирање ќе останат во облакот, но нема автоматски да се појават во “Samsung“ Галерија.

[3] Новиот Galaxy уред мора да биде најавен со истите кориснички профили на “Samsung“ и “Google“ што се користеле за синхронизација на Галеријата на претходниот уред. Кога пристапувате до синхронизирана содржина на нов Galaxy уред, оригиналните фотографии и видеа остануваат зачувани во облакот, а на уредот се прикажуваат прегледи.

[4] Достапноста на функцијата може да варира во зависност од пазарот и моделот на уредот.

[5] “Google“ корисничките профили вклучуваат до 15 GB бесплатен простор за складирање, споделен помеѓу “Gmail“, “Google Drive“ и “Google Photos“. Достапниот простор зависи од постоечката искористеност. Синхронизацијата на Галеријата не додава посебна квота за складирање.

CATEGORIES
Share This