ТУКА ЌЕ БИДАМ ДО КРАЈОТ НА КАРИЕРАТА Червар со голема најава од Битола
„Зелено-белите“ со нов тренер и стар капитен влегуваат во новата сезона со јасна цел – враќање на титулата во Битола.

Со стартот на подготовките за новата сезона, официјално започна и мисијата на искусниот Лино Червар на клупата на Еурофарм Пелистер. Хрватскиот стратег во Битола пристигна со јасна цел да создаде препознатлив тим, да се бори за шампионската титула во домашното првенство и да оствари што подобар резултат на европската сцена. По првата прозивка, Червар ги сподели своите очекувања, првите впечатоци од Битола и клубот, но и амбициите за сезоната која претстои.
„Морам да кажам дека ми е чест да бидам тука и да го водам Еурофарм Пелистер. Тука ќе биде и крајот на мојата кариера. Мило ми е што сум во мојата втора татковина. Знам кој е Пелистер, клуб со голема традиција. Уште кога го водев Умаг во првата југословенска лига игравме против овој клуб. Пепи Манасков ни беше голем проблем тогаш“, изјави Червар.
Искусниот стратег потенцираше дека има големи амбиции и дека сака Пелистер да изгради свој препознатлив стил на игра.
„Многу сум амбициозен. Ќе дадам сè од себе Пелистер да биде компетентен. Малку сум поинаков, па ќе работиме поинаку. Ќе се обидеме клубот да има свој имиџ, идентитет и препознатливост на теренот. Сите ние заедно мора да дадеме сè од себе. Јас како тренер морам да бидам пример, да се бориме како екипа и да направам сè што можам клубот да биде успешен“, додаде тој.
Пелистер во подготвителниот период ќе одигра неколку контролни натпревари, меѓу кои и против репрезентацијата на Катар и словенечка Крка, а тимот го очекува и уште еден тест против прволигаш.
„Бргу ќе дојдат натпреварите од регионалната лига, па мора да внимаваме. Уште во првото коло имаме голем предизвик во Охрид. Најважно е да добиеме идеја за играта, играчите да видат што сакам и каков ќе биде Пелистер. Има многу работа, а нема многу време и мора да сме рационални“, истакна Червар.
Во новата сезона Пелистер ќе има иста важна фигура во тимот. По подолг период на размислување, капитенот Филип Кузмановски одлучи да остане во матичниот клуб и го продолжи договорот со битолчани, иако во текот на летото имаше понуди за интернационален ангажман. Кузмановски повторно ќе соработува со Червар, под чија палка пред повеќе од една деценија ги направи првите сениорски чекори во дресот на Металург. За македонскиот репрезентативец, желбата да остане во родниот град и амбициите на клубот биле пресудни за одлуката.
„Среќен сум што останав во мојот матичен клуб и во мојот град, меѓу нашите омилени навивачи. Верувам дека оваа сезона ќе биде поуспешна од претходната. Имаме многу нови играчи, ќе ни треба време да се воиграме, но со доаѓањето на Лино Червар сите ќе имаат дополнителен мотив. Се надевам дека често ќе ја радуваме битолската публика, која секогаш е со нас“, изјави капитенот.
Кузмановски очекува новиот тренер да внесе препознатлив натпреварувачки карактер во екипата, со акцент на дисциплината, пожртвуваноста и борбата за секоја топка.
„Ќе бидеме поинаков тим од лани. Очекувам да изгледаме подобро и во напад и во одбрана. Жал ми е за играчите што заминаа, бидејќи заедно изградивме одлична атмосфера, но спортот носи промени. Сега е време да создадеме нов успешен колектив. Дресот на Пелистер носи одговорност и притисок, но верувам дека тоа ќе биде дополнителен мотив. Лигата ќе биде многу поконкурентна и ќе мораме да се бориме до крај на секој натпревар“, порача Кузмановски.
Пелистер зад себе има сезона без освоен трофеј, а по три последователни настапи во Лигата на шампионите, во новата сезона ќе се натпреварува во Европската лига. Сепак, амбициите во Битола остануваат високи и со Червар на клупата и Кузмановски како капитен, „зелено-белите“ повторно атакуваат на враќање на шампионскиот трон во домашното првенство.


