МУЗИЧКА МАГИЈА ПОД ОХРИДСКОТО НЕБО Исата Кане-Мејсон ја воодушеви публиката
Светски познатата британска пијанистка настапи во рамките на традиционалната „Британска вечер“, приредувајќи незаборавно музичко доживување исполнето со виртуозност, емоција и врвна уметност.

Врвна пијанистичка техника, префинета интерпретација и силна емоција ја одбележаа „Британската вечер“ на фестивалот „Охридско лето“, во рамките на која синоќа настапи познатата британска пијанистка Исата Кане-Мејсон.
Една од најистакнатите пијанистки на својата генерација, Кане-Мејсон ја воодушеви фестивалската публика со виртуозна техника, исклучителна музикалност и уметничка зрелост. Со внимателно одбраната програма, таа уште еднаш ја потврди својата репутација на едно од најбараните имиња на светската пијанистичка сцена.
„За мене е вистинска чест што настапувам на фестивал со толку богата традиција и углед како „Охридско лето“. Среќна сум што имав можност преку музиката да ја споделам оваа вечер со публиката и се надевам дека таа ќе остане во убаво сеќавање за сите нас“, изјави Кане-Мејсон.
Во рамките на вечерта, директорот на Националната установа „Охридско лето“, Ѓорѓи Цуцковски, им врачи фестивалски плакети на британскиот амбасадор во Северна Македонија, Метју Лосон, и на Клер Сирс Вуд, директорка за Западен Балкан при Британскиот совет, како знак на благодарност за нивната поддршка и придонесот во унапредувањето на културната соработка меѓу двете земји.
Цуцковски истакна дека „Британската вечер“ е еден од најзначајните програмски сегменти на фестивалот и симбол на пријателството, меѓусебната доверба и заедничката заложба за промоција на врвните културни вредности.
Пред почетокот на концертот, британскиот амбасадор Метју Лосон истакна дека му претставува особена чест што, заедно со Британскиот совет, се домаќини на традиционалната „Британска вечер“.
„Овој концерт е уште една потврда за силните врски и одличното партнерство меѓу Обединетото Кралство и Северна Македонија. Цврсто веруваме дека музиката има моќ да ги зближува луѓето и да гради трајни пријателства, а токму тие вредности се темелот на односите меѓу нашите две земји“, порача Лосон.
Со настапот на Исата Кане-Мејсон, „Британската вечер“ уште еднаш го потврди своето значајно место во програмата на „Охридско лето“, приредувајќи ѝ на публиката уште една незаборавна вечер исполнета со врвна музика и уметност.


