ОВА Е МОЈАТА ПОСЛЕДНА МИСИЈА Червар пристигна во Битола

Искусниот хрватски стратег Лино Червар официјално е претставен како нов тренер на Еурофарм Пелистер.

ОВА Е МОЈАТА ПОСЛЕДНА МИСИЈА Червар пристигна во Битола
Фото: Принтскрин

Лино Червар е новиот тренер на Еурофарм Пелистер, каде што беше официјално претставен во Битола. Искусниот хрватски стратег се враќа во македонскиот ракомет по речиси една деценија и најави дека овој ангажман би можел да биде последен во неговата богата тренерска кариера.

„Чест е да се работи во Битола, град со голема ракометна традиција. По осум години повторно се враќам во мојата втора татковина и сметам дека тука можам да ја завршам кариерата. Донесов одлука дека е време за крај, а најубаво е тоа да биде на место каде ракометот се живее со полни гради“, изјави Червар.

Тој додаде дека е задоволен од интересот и довербата од клубот и навивачите, нагласувајќи дека работата во Битола за него претставува посебна мотивација.

„Го поздравувам сето она што го градеа претходните тренери и играчи во Пелистер, клуб кој за мене е едно од најголемите ракометни имиња во Македонија. Пред нас е тешка задача, конкуренцијата е силна, но мора да останеме позитивни“, истакна тој.

Червар се осврна и на ривалите во домашното првенство, потенцирајќи дека битките на терен ќе бидат жестоки, иако меѓу клубовите треба да постои меѓусебна почит.

„РК Вардар се разбуди и напредува, а тука е и РК Охрид со амбиции и силни резултати. Надвор од теренот треба да сме едно, но на паркетот ќе има вистинска борба“, додаде тој.

Червар остави длабока трага во македонскиот спорт и како поранешен тренер на РК Металург Скопје, со кој двапати стигна до четвртфинале во Лигата на шампионите (2014 и 2015), во период кога ракометната еуфорија во земјата беше на врвот.

По таа епизода, кратко ја водеше и македонската репрезентација, а подоцна се врати на клупата на Хрватска.

Во неговата богата кариера, Червар освои злато со Хрватска на Олимписките игри во Атина 2004 и светска титула во 2003 година, како и бројни европски трофеи.

Со Металург, тој освои четири шампионски титули во Македонија и три Купа, оставајќи значаен белег во домашниот клупски ракомет.

CATEGORIES
TAGS
Share This