ВЛАДАТА БАРА ИТНА ПРОВЕРКА ОД ВЕНЕЦИЈАНСКАТА КОМИСИЈА Што ќе се случува со новиот модел за правосудниот испит

Меѓународните експерти ќе разговараат со политичките партии, деканите на петте правни факултети и студентските организации, а ќе присуствуваат и на практични демонстрации на испитот.

ВЛАДАТА БАРА ИТНА ПРОВЕРКА ОД ВЕНЕЦИЈАНСКАТА КОМИСИЈА Што ќе се случува со новиот модел за правосудниот испит
Фото: Принтскрин

Владата побара итно мислење од Венецијанската комисија за предложениот нов модел за полагање на правосудниот испит, откако на денешната седница ја усвои потребата од меѓународна експертска оценка на законското решение. Од Министерството за правда информираат дека целта е да се добие независна стручна процена дали предложениот модел е усогласен со Уставот, меѓународните правни инструменти и европските стандарди.

Во рамките на постапката, известителите на Венецијанската комисија ќе остварат средби со претставници на релевантните институции, парламентарните политички партии, деканите на петте правни факултети, како и со претставници на студентските организации. Предвидено е експертите непосредно да се запознаат и со начинот на спроведување на испитот. За таа цел ќе бидат организирани практични демонстрации на писмениот дел во Апелациониот суд во Скопје и на усниот дел во Министерството за правда.

Предложениот модел предвидува единствен систем на полагање на правосудниот испит, со еднакви услови и исти професионални критериуми за сите кандидати, без посебни испити или различни стандарди.

Венецијанската комисија е советодавно тело на Советот на Европа, во кое се застапени 61 држава членка, а нејзиното мислење треба да обезбеди независна меѓународна експертска перспектива за предложеното законско решение.

„Нашата определба е јасна: законите да се темелат на Уставот, правото и европските стандарди, а решенијата да произлегуваат од правни аргументи и стручна анализа“, наведуваат од Министерството за правда.

CATEGORIES
Share This