НОВ ОБРТ СО ЗАКОНОТ ЗА ЈАВНИ НАБАВКИ Собранието го избриша спорниот член по укажувањата на Сиљановска, СДСМ најавува блокада
Опозицијата тврди дека требало да се повлече целиот закон и да се организира јавна расправа, а на измените се поднесени вкупно 2.158 амандмани.

Собранието, во рамки на 129. седница, го усвои амандманот со кој се предвидува бришење на членот 13 од Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за јавни набавки. Со ова, владејачкото мнозинство ги прифати укажувањата на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, која претходно одлучи да не го потпише указот за прогласување на законските измени.
Амандманот го поднесоа пратениците Бојан Стојаноски, Дафина Стојаноска и Бране Петрушевски.
Образложувајќи го предлогот, Стојаноски истакна дека со бришењето на спорниот член се прифаќаат забелешките на претседателката, со што се создаваат услови законските измени да продолжат кон усвојување.
„Со бришењето на овој член комплетно ги прифаќаме укажувањата од претседателката и сметаме дека овој закон може непречено да биде усвоен, да го олесниме системот и да го направиме попрактичен, позаконски, потранспарентен и поцелисходен за целата државна управа“, рече Стојаноски.
Тој посочи дека законските измени се дел од Реформската агенда, а нивната цел е модернизација на системот за јавни набавки преку воведување дигитални алатки и вештачка интелигенција. Според него, новите решенија треба да придонесат за подобрување на постапките, намалување на ризиците од корупција и злоупотреби, како и побрза реализација на инфраструктурните и другите проекти.
Стојаноски нагласи дека со измените се прошируваат и надлежностите на Бирото за јавни набавки во делот на примената на дигиталните технологии и вештачката интелигенција.
На усвојувањето на амандманот реагираше пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи, кој посочи дека опозицијата претходно на комисиската расправа поднела ист амандман, како и неколку други предлози. Тој оцени дека наместо да се интервенира само со бришење на еден член, власта требало да го повлече целиот закон и да подготви нови измени по спроведена јавна расправа.
„Ова е можеби првпат Законот за јавни набавки да се носи во собраниска процедура без јавна расправа. Подостоинствено ќе беше да го повлечете законот, да поднесете нови измени и да има јавна расправа, наместо да велите дека сте ја послушале претседателката“, рече Битиќи.
Претходно, пратеникот Стојаноски изнесе и споредба на резултатите во градежниот сектор во периодот на владеење на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, тврдејќи дека статистичките показатели ја оправдуваат потребата од законските измени. Според неговите податоци, во 29 квартали на СДСМ, 14 биле со негативни резултати, додека во осумте квартали на ВМРО-ДПМНЕ сите биле позитивни. Тој посочи и просечен квартален реален раст од 14,1 процент во градежништвото во периодот на ВМРО-ДПМНЕ, наспроти минус 0,2 проценти во периодот на СДСМ.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на 4 ноември испрати допис до Собранието, во кој информираше дека по внимателна анализа и консултации со експерти, повикувајќи се на член 75 став 3 од Уставот, одлучила да не го потпише указот за прогласување на законските измени усвоени на собраниската седница на 26 октомври 2026 година. Во меѓувреме, на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за јавни набавки се поднесени вкупно 2.158 амандмани.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска најави дека партијата ќе се обиде да го блокира донесувањето на измените со речиси 2.000 амандмани. По дискусијата на Битиќи, претседателот на Собранието Африм Гаши даде едночасовна пауза, по што се очекуваше продолжување на 129. седница.

