ТРОЈЦА ПОЛИЦАЈЦИ ПРОГЛАСЕНИ ЗА ВИНОВНИ ЗА ПУЛС – Уловни казни од судот

Службените должности биле извршени само формално, без суштинска контрола.

ТРОЈЦА ПОЛИЦАЈЦИ ПРОГЛАСЕНИ ЗА ВИНОВНИ ЗА ПУЛС – Уловни казни од судот
Фото: Принтскрин

Основниот кривичен суд во Скопје донесе првостепена пресуда со која ги прогласи за виновни тројцата полицајци од Кочани за злоупотреба на службената положба. На Кире Богатинов и Горан Лазаров им е изречена условна казна затвор од една година, додека на командирот на ПС Кочани, Александар Темелков, му е изречена условна казна од две години. Казните нема да се извршат доколку во наредниот период не сторат ново кривично дело.

Ниту обвинетите, ниту нивните бранители не присуствувале на објавувањето на пресудата.

Судијката Лидија Петровска во образложението истакна дека како олеснителни околности биле земени предвид фактот дека обвинетите претходно не биле осудувани, како и тоа што нивните постапки не предизвикале директни штетни последици поврзани со пожарот во дискотеката „Пулс“.

Судот утврдил дека обвинетите само формално ги извршувале службените должности, без суштински да ја спроведат постапката. Според судијката, ваквото постапување не претставува технички пропуст, туку неизвршување на службена должност, со што било овозможено да не се покрене прекршочна постапка и да се стекне одредена имотна корист.

Во однос на Богатинов и Лазаров, Судот утврдил дека тие не ги провериле релевантните документи за да утврдат кое правно лице ја врши дејноста во дискотеката, туку се повикале на непроверени информации. Како резултат, постапката била насочена кон субјект кој во тој момент не бил активен.

За командирот Темелков, Судот утврдил дека имал информации и документација за вистинскиот носител на дејноста, но сепак одобрил постапка против погрешен субјект.

Обвинетите се задолжени и да ги надоместат судските трошоци во износ од по 7.000 денари.

На пресудата е дозволена жалба до Апелациониот суд во Скопје.

Во завршните зборови, обвинителството побара осудителна пресуда, додека одбраната тврдеше дека вината не е докажана и побара ослободување.

CATEGORIES
TAGS
Share This