ДИПЛОМИ ПОД ЛУПА – Поништени дипломи на Филозофски факултет при УКИМ

Осум дипломи веќе поништени, а постапката опфаќа вкупно 17 студенти на Филозофски факултет при УКИМ.

ДИПЛОМИ ПОД ЛУПА – Поништени дипломи на Филозофски факултет при УКИМ
Фото: Принтскрин

Министерството за образование и наука започна постапка за поништување на повеќе академски дипломи издадени на Филозофски факултет при УКИМ и Славјански универзитет, откако биле утврдени сериозни неправилности при нивното стекнување. Случаите се веќе проследени до Јавно обвинителство на Северна Македонија, кое ќе ја продолжи постапката.

Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, соопшти дека на Филозофскиот факултет се поништуваат осум дипломи поврзани со спорни уписи, а вкупно се опфатени 17 студенти. Дел од нив биле запишани на втор циклус и веќе стекнале магистерски титули, додека други продолжиле и на докторски студии.

По завршување на внатрешните процедури, факултетот треба да поништи уште едно уверение, по што Министерството ќе ги анулира и останатите документи.

„Постои сериозен сомнеж за фалсификување документи“, изјави Јаневска, нагласувајќи дека институциите постапуваат строго според закон и дека нема привилегии .

Податоците за поништените дипломи ќе бидат јавно објавени во дневниот печат и на веб-страницата на Министерството.

Постапката следува по вонреден надзор на Државниот просветен инспекторат, кој утврдил дека од 2019 година на Филозофскиот факултет се вршеле незаконски уписи на магистерски и докторски студии.

Станува збор за лица со завршени тригодишни стручни студии, кои според Законот за високо образование од 2018 година немаат право директно да преминат на втор и трет циклус.

Раководството на факултетот веќе донело одлука за прекин на студирањето на 11 студенти и седум на магистерски и четворица на докторски студии. Осуммина од нив веќе стекнале магистерски дипломи, додека ниту еден студент не ја завршил докторската програма.

ЗАПИШАНИ, ПА ИЗБРИШАНИ ОД МАГИСТЕРСКИ И ДОКТОРСКИ СТУДИИ – Што навистина се случува на Филозофскиот факултет

CATEGORIES
Share This