ОД ХОЛИВУДСКА ЅВЕЗДА ДО ПРИНЦЕЗА НА МОНАКО Животната приказна на Грејс Кели, жената која се откажа од филмската слава за љубовта
Кариерата ја започнала во раните 1950-ти години, а вниманието на публиката го привлекла со филмовите „Точно на пладне“ и „Могамбо“, за кој добила Златен глобус и номинација за Оскар.

Грејс Патриша Кели, една од најголемите филмски икони на златното доба на Холивуд и подоцна принцеза од Монако, е родена на 12 ноември 1929 година во Филаделфија, САД.
Од млада девојка која сонувала за актерска кариера, таа прераснала во една од најпознатите холивудски актерки, муза на легендарниот режисер Алфред Хичкок и добитничка на Оскар. Сепак, на врвот на славата одлучила да го напушти филмот и да започне сосема нов живот.
Кариерата ја започнала во раните 1950-ти години, а вниманието на публиката го привлекла со филмовите „Точно на пладне“ и „Могамбо“, за кој добила Златен глобус и номинација за Оскар.
Особено значајна била нејзината соработка со Алфред Хичкок, со кого ги снимила филмовите „Повикај М заради убиство“, „Заден прозорец“ и „Фатете го крадецот“. Нејзината елеганција, воздржан актерски израз и препознатлив стил ја претвориле во една од најголемите модни икони на своето време.
Во 1955 година, за време на Филмскиот фестивал во Кан, го запознала принцот Рение III од Монако. Нивната љубовна приказна брзо станала светска сензација, а во април 1956 година двајцата се венчале на една од најпознатите кралски свадби на 20 век.
На само 26 години, Грејс се откажала од актерската кариера и станала принцеза Грејс од Монако. Со Рение добиле три деца – Каролина, Алберт и Стефани. Наместо на филмот, таа се посветила на семејството, хуманитарната работа и културниот живот на кнежевството.
Нејзиниот живот трагично завршил на 14 септември 1982 година, откако еден ден претходно доживеала тешка сообраќајна несреќа на пат во јужна Франција. Имала 52 години. Нејзината ќерка Стефани, која била со неа во автомобилот, ја преживеала несреќата.
И повеќе од четири децении по нејзината смрт, Грејс Кели останува симбол на холивудскиот гламур, безвременската елеганција и необичната животна приказна на жената која го заменила филмското платно со кралскиот двор.

