ТРЕВОГА ЗА ВОДНО Новиот ДУП предвидува 25 објекти, ќе се сече шума и ќе се преместува магистрален водовод

„Шанса за Центар“ тврди дека планот не е усогласен со ГУП-от и дека е усвоен без мислење од Дирекцијата за заштита и спасување, и покрај ризиците од ерозија и свлечишта.

ТРЕВОГА ЗА ВОДНО Новиот ДУП предвидува 25 објекти, ќе се сече шума и ќе се преместува магистрален водовод
Фото: Принтскрин

Советничката група „Шанса за Центар“ остро реагира по усвојувањето на нацрт-Деталниот урбанистички план (ДУП) за населбата Барутана на Водно. Оттаму обвинуваат дека градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, и мнозинството во Советот поддржале план за кој тврдат дека не е усогласен со Генералниот урбанистички план на Град Скопје и може да отвори сериозни безбедносни и еколошки проблеми.

Од советничката група велат дека нацрт-планот бил усвоен без мислење од Дирекцијата за заштита и спасување, иако станува збор за терен кој, според нив, е подложен на ерозија. Дополнително, посочуваат дека во планската документација не биле предвидени конкретни мерки за заштита од можни свлечишта и ерозивни процеси.

Според „Шанса за Центар“, планот предвидува задржување на постојните 15 објекти, но и изградба на дополнителни 25 нови објекти. Тие би можеле да имаат до четири станбени единици, што, според советничката група, би значело значително зголемување на бројот на жители и возила во овој дел од Водно.

Од таму предупредуваат дека за реализација на предвидената изградба ќе биде потребно пробивање нов пристапен пат низ шумски појас, сечење повеќедецениска шума и преместување на магистрален водовод. „Шанса за Центар“ тврди дека трошоците за овие инфраструктурни зафати би паднале на товар на Општина Центар, односно би се финансирале со средства од собраните комуналии.

Советничката група наведува дека сите забелешки и потенцијални ризици биле презентирани на седницата на Советот пред гласањето за нацрт-планот. И покрај тоа, велат оттаму, мнозинството советници го поддржало документот. Советничката и архитект Билјана Филиповска Тодорчевска на седницата детално ги образложила забелешките, посочувајќи ги, како што наведува „Шанса за Центар“, безбедносните, еколошките и инфраструктурните ризици што би можеле да произлезат од реализацијата на предложениот ДУП.

CATEGORIES
Share This