ТРАМП ГИ ИСПРАТИ ВИТКОФ И КУШНЕР ВО АБУ ДАБИ Русија, Украина и САД на преговарачка маса, Европа остана надвор

Во фокусот се територијалните прашања, безбедносните гаранции и прекинот на огнот, додека Трамп изразува оптимизам за можен напредок.

ТРАМП ГИ ИСПРАТИ ВИТКОФ И КУШНЕР ВО АБУ ДАБИ Русија, Украина и САД на преговарачка маса, Европа остана надвор
Фото: Принтскрин

Во Абу Даби започнаа нови дипломатски напори за ставање крај на војната во Украина, со учество на делегации од САД, Русија и Украина. Во центарот на разговорите се најтешките прашања што досега го блокираа мировниот процес – територијалните отстапки, безбедносните гаранции и прекинот на огнот.

Американската делегација ја предводат специјалниот пратеник на претседателот Доналд Трамп, Стив Виткоф, и неговиот зет и советник Џеред Кушнер. На чело на украинската делегација е Рустем Умеров, додека руската страна ја претставува Владимир Медински, советник на рускиот претседател Владимир Путин. Од Кремљ засега не најавуваат однапред каков ќе биде исходот од разговорите.

„Делегацијата ќе донесе одлука во зависност од тоа како ќе се одвиваат работите со преговорите“, изјави Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ.

Според извештаите на светските медиуми, на преговарачката маса се три клучни теми. Киев бара безбедносни гаранции против нова руска агресија и прекин на нападите, додека Москва инсистира на територијални отстапки, откажување на Украина од членството во НАТО и ограничување на нејзините воени капацитети.

Во пресрет на разговорите, американскиот претседател Доналд Трамп изрази оптимизам дека дипломатските напори би можеле да доведат до завршување на војната.

„Штотуку имавме добри разговори за Украина и Русија. Како што знаете, има средби во Абу Даби. Работевме многу напорно за да го завршиме руско-украинскиот кошмар, во кој загинуваат многу луѓе“, изјави Трамп.

Додека Вашингтон, Москва и Киев разговараат за можните услови за прекин на војната, Европа засега нема директно учество во главниот преговарачки формат. Во Абу Даби пристигнаа претставници на повеќе европски земји, но нивните контакти се ограничени на одделни средби со американската и украинската страна. Ова доаѓа откако Кремљ претходно се спротивстави на директно европско учество во преговорите.

Поддршка за дипломатските напори изрази и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која порача дека Европа сака мир, но и дека продолжува да ја поддржува Украина.

Мислам дека најважното нешто што нè обединува е тоа што сите сакаме мир. Пред сè, народот на Украина сака мир. И токму на тоа се работи во моментов, меѓу другото и во Абу Даби. Многу е важно да ја поддржуваме Украина, бидејќи таа е фактор на стабилност. Русија е таа што ја нападна Украина. Тоа никогаш не смееме да го заборавиме.

Ако Украина престане да се бори во овој момент, таа ќе биде избришана од картата. Ако Русија престане да се бори во овој момент, војната ќе заврши. Затоа, максимално ги поддржуваме сите мировни напори и разговори“, изјави фон дер Лајен.

Станува збор за прва средба во ваков формат по девет месеци, откако претходната рунда преговори во февруари заврши без конкретен напредок. И покрај длабоките разлики меѓу Москва и Киев околу територијалните и безбедносните прашања, според Ројтерс постои внимателен оптимизам дека дводневните разговори би можеле да донесат одреден напредок.

Најреални очекувања засега има за постигнување договор околу хуманитарните прашања, додека останува неизвесно дали трите страни ќе успеат да направат чекор напред кон поширок мировен договор.

CATEGORIES
Share This