СОБРАНИСКА НАДЗОРНА РАСПРАВА ЗА АЛТА БАНКА Под лупа одлуките на Народна банка и заштитата на штедачите
Ќе се разгледуваат околностите по одземањето на дозволата за работа на доминантниот акционер Алта Банка АД Белград во Србија, по што на 1 ноември беше воведена администрација во македонската банка.

Собраниската Комисија за финансирање и буџет денеска ќе одржи надзорна расправа за причините за воведување администрација во Алта банка АД Битола, постапувањето на Народната банка и институционалната одговорност.
Ќе се разгледуваат околностите по одземањето на дозволата за работа на доминантниот акционер Алта Банка АД Белград во Србија, по што на 1 ноември беше воведена администрација во македонската банка.
Администрацијата е предвидено да трае три месеци. Назначените администратори од Народната банка имаат рок од 21 ден да ја утврдат состојбата во банката и да достават извештај.
Во меѓувреме, постепено се олеснува пристапот на клиентите до банкарските услуги. Од вчера повторно се достапни електронското и мобилното банкарство, со ограничувања за располагање со средствата.
Од денеска повторно ќе работи и експозитурата во трговскиот центар „Бисер“ во Скопје, а продолжуваат со работа и експозитурите во Битола, Струмица и Тетово.

