ЗАВРШИЈА ПРЕГОВОРИТЕ ВО АБУ ДАБИ Русија, САД и Украина два дена разговараа, се најавува само размена на затвореници

По дводневните разговори зад затворени врати, делегациите на Русија, САД и Украина го напуштија местото на средбата

ЗАВРШИЈА ПРЕГОВОРИТЕ ВО АБУ ДАБИ Русија, САД и Украина два дена разговараа, се најавува само размена на затвореници
Фото: Принтскрин

Трилатералните преговори меѓу Русија, Соединетите Американски Држави и Украина во Абу Даби завршија денеска, по два дена разговори меѓу делегациите. Завршниот дел од средбата траел околу два часа, објавија руските медиуми. Размената на затвореници би можела да биде еден од конкретните исходи од дијалогот, пренесува руската новинска агенција ТАСС, повикувајќи се на неименуван извор.

Се очекува претставниците на делегациите да ги информираат медиумите за текот на разговорите и евентуално постигнатите договори.

Разговорите во Абу Даби се одржаа без присуство на медиумите, а сите делегации го напуштија местото на состанокот во придружба на полициски возила. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, претходно најави дека руската делегација директно од Абу Даби ќе информира за резултатите од преговорите.

„Треба да почекаме да заврши денешниот дел од преговорите во Абу Даби. Нашата делегација на лице место ќе информира за тоа“, изјави Песков, пренесува РИА Новости.

Песков потврди дека за време на разговорите во Абу Даби немало контакти меѓу руската делегација и претставниците на Европската Унија.

„Ваквите контакти не беа планирани, не беа земени предвид и немаше никакви“, нагласи портпаролот на Кремљ.

Отсуството на европски претставници од директните контакти со руската делегација е уште еден важен елемент од преговарачкиот формат во Абу Даби. Главното прашање сега е дали дводневните разговори ќе донесат конкретен напредок во преговорите за Украина, или размената на затвореници ќе остане единствениот непосреден резултат од средбата.

CATEGORIES
Share This