ТЕНЗИЧНО ВО СОБРАНИЕТО Паднаа тешки зборови меѓу пратениците, Гаши прекина сè и свика итна координација

Пратениците од ДУИ, Албанската лига и Алијансата за Албанците го обвинија Гаши за кршење на Деловникот и Уставот, а собранискиот спикер порача дека нема да дозволи процедурални забелешки да ја блокираат седницата на која треба да се разгледува законот за „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“.

ТЕНЗИЧНО ВО СОБРАНИЕТО Паднаа тешки зборови меѓу пратениците, Гаши прекина сè и свика итна координација
Фото: Принтскрин

Жестоко започна собраниската седница на чиј дневен ред како прва точка е Предлог-законот за проектот „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“. Пратениците од опозициските партии од албанскиот блок со процедурални забелешки го оспорија начинот на кој е свикана седницата, по што претседателот на Собранието Африм Гаши свика вонредна координација со координаторите на пратеничките групи.

Пратениците од ДУИ, Албанската лига и Алијансата за Албанците го обвинија Гаши дека го прекршува Деловникот, додека собранискиот спикер порача дека нема да дозволи со повторувачки процедурални забелешки да се блокира работата на Собранието. Во пленарната сала се разви жестока расправа, со остри реплики, дофрлувања, навреди и меѓусебни обвинувања. Сали Мурати од Европскиот фронт обвини дека Гаши во краток период закажал три седници, без да биде испочитуван рокот за доставување на материјалите до пратениците.

„Закажавте три седници и повторно не го почитувавте Деловникот. Првата седница ја закажавте на 27 јули попладне, истиот ден закажавте втора седница, а вчера закажавте трета седница. Го повредувате членот 74 став 1, според кој материјалите до пратениците се доставуваат најмалку 10 работни дена пред седницата“, рече Мурати.

Тој додаде дека иако Гаши може да се повика на можноста за свикување итна седница, во доставените материјали, според него, немало образложение за итноста. Претседателот на Собранието се повика на одредбите од Деловникот кои му овозможуваат да свика итна седница, посочувајќи дека причината е итноста на постапката. Илире Даути од Албанската лига, пак, го обвини Гаши дека го прекршил Уставот и Деловникот, а дополнително реагираше и на формата во која биле доставени материјалите на албански јазик.

„Документот сте го потпишале само на македонски јазик. Вие сте се прегазиле себеси. Материјалите се преведени на албански јазик и сте ни ги доставиле без потпис и без архивски број“, рече Даути.

Гаши објасни дека поради итноста на седницата немало доволно време материјалите да бидат потпишани и на албански јазик. Координаторката на пратеничката група на ДУИ, Рина Ајдари, оцени дека објаснувањето на Гаши е нелогично и повторно го обвини за непочитување на Деловникот.

„Не знам дали сами себе се слушате што зборувате. Многу сте нелогичен. Каде е ургентноста за закажувањето на седницата? Ние не ја добивме. Ова е непочитување на Деловникот. Почитувањето на Деловникот не е прашање на политичка волја, туку почитување на Уставот“, рече Ајдари.

На ова реагираше Гаши, кој ја предупреди Ајдари да внимава на начинот на кој му се обраќа.

„Ве замолувам кога ќе ми се обратите мене и на пленумот да внимавате со речникот. Не може да ми кажете дали се слушам самиот себеси. Образложението го кажав на почетокот на седницата и нема да дозволам да се злоупотреби правото на процедурални обраќања. Ако вторпат барате збор за иста забелешка, ќе ви го одземам и ќе продолжам со седницата“, порача Гаши.

Даути продолжи со критиките, тврдејќи дека првата точка на дневниот ред е спротивна на Законот за употреба на јазиците. На нејзината реакција од место одговори координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски. Даути му порача на Гаши дека законите не смеат да се доставуваат без архивски број и потпис и побара предлог-законот да биде повлечен.

„Гаши, нема да ви простиме дека на ваков начин ги доставувате законите без архивски број и без ваш потпис. Повлечете го законот, само така можете да се спасите“, рече Даути.

Гаши возврати дека нема да дозволи на таков начин да му се обраќаат. Халил Снопче, пак, го праша собранискиот спикер дали „живееме во автократија или во демократија“, обвинувајќи го дека не ја образложил итноста за свикување на седницата.

„Не може да кажете дека нема да дозволите процедурални. Претседателот е должен да ја образложи итноста за свикување на седницата. Какво образложение дадовте? Ако сакате да узурпирате, узурпирајте. Срам за вас е вака што правите“, рече Снопче.

Гаши му одговори дека не очекувал таков однос од него.

„Јас сакав да ви го сочувам авторитетот, но од вас зависи“, порача Гаши.

Од владејачката Вреди, Аднан Азизи ја обвини опозицијата дека намерно создава тензии и прави опструкции за да го блокира усвојувањето на законот за „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“.

„Секој ден овде се прави циркус и опозицијата нема аргументи и создава кауза за блокирање на Собранието. За албанскиот јазик вие само правите шоу пред камерите, за рилс и постирања. Колку сте го заштитиле јазикот? Сè правите само за пред камерите“, рече Азизи.

Поради зголемената тензија и острите препукувања во пленарната сала, Гаши свика вонредна координација со координаторите на пратеничките групи, со цел да се надминат несогласувањата и да продолжи работата на седницата.

CATEGORIES
Share This