МИЦКОСКИ СО ПОРАКА ДО БРИСЕЛ Ќе испорачаме, а потоа вие одлучете дали заслужуваме ЕУ

Премиерот вели дека македонските институции се издвојуваат во регионот според динамиката на реформите и подготовките за роковите до крајот на 2026 година.

МИЦКОСКИ СО ПОРАКА ДО БРИСЕЛ Ќе испорачаме, а потоа вие одлучете дали заслужуваме ЕУ
Фото: Принтскрин

Целосната посветеност на домашните реформи и навременото исполнување на обврските од Реформската агенда беа во фокусот на утринскиот работен состанок меѓу владиниот тим и претставници на Европската комисија, предводени од директорот за проширување Герт Јан Копман. Премиерот Христијан Мицкоски порача дека Владата ќе направи сè што е во нејзина моќ за да ги исполни преземените обврски и да покаже конкретни резултати, додека оценката за напредокот и европската перспектива на земјата ја остава на институциите во Брисел.

Според Мицкоски, на состанокот било потврдено дека Северна Македонија се издвојува во регионот според динамиката со која ги подготвува реформите и се приближува кон роковите што истекуваат до крајот на годината.

„Посветени сме на реформите и ќе направиме сè што зависи од нас. Потоа останува на Европската комисија да оцени дали реално заслужуваме да бидеме дел од Европската Унија врз основа на испораката. Секогаш ни велат дека процесот се темели на заслуги – колку испорачуваш, толку добиваш“, изјави Мицкоски.

Тој посочи дека разговорите со претставниците на Европската комисија биле посветени на реформите од Реформската агенда, вклучително и обврските со рокови до декември 2026 година.

„Ние сме единствена земја од регионот која работи на реформите со рок до декември, барем така ни беше кажано. Остануваме посветени на испораката. Ќе направиме сè што зависи од нас и што е поврзано со реформите и домашната задача. Потоа оставаме на Европската комисија да оцени дали реално заслужуваме да бидеме дел од Европската Унија“, рече премиерот.

Мицкоски додаде дека Владата нема да прифаќа, како што рече, решенија без конкретни резултати од домашните институции, туку ќе се фокусира на исполнување на реформските обврски.

„Ќе се обидеме да го заслужиме тоа преку испораката во реформите, а понатаму одлуката ја оставаме на нив“, порача Мицкоски.

CATEGORIES
TAGS
Share This