ЛАДЕН ТУШ ЗА НЕТАНЈАХУ Речиси половина од Американците сакаат да биде уапсен
Анкетата открива големи политички разлики во САД – апсењето го поддржуваат 68 проценти од демократите, но само 24 проценти од републиканците.

Речиси половина од граѓаните на Соединетите Американски Држави сметаат дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху треба да биде уапсен доколку се наоѓа на американска територија, врз основа на потерницата издадена од Меѓународниот кривичен суд (МКС), покажуваат резултатите од најновата анкета на „Економист“ и „ЈуГов“.
Според истражувањето, 49 проценти од испитаниците го поддржуваат апсењето на Нетанјаху поради обвиненијата за воени злосторства поврзани со израелските воени операции против палестинското движење Хамас во Појасот Газа. Од друга страна, 27 проценти сметаат дека израелскиот премиер не треба да биде уапсен, додека 23 проценти од анкетираните не биле сигурни како да одговорат.
Најголема поддршка за апсењето има меѓу симпатизерите на Демократската партија – дури 68 проценти од нив го поддржуваат таквиот став. Кај независните гласачи, поддршката изнесува 55 проценти, додека меѓу републиканците е значително помала и изнесува 24 проценти. Сличен сооднос е забележан и во одговорите на прашањето дали Нетанјаху е виновен за воени злосторства.
Соединетите Американски Држави не се членка на Меѓународниот кривичен суд. Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп ги отфрла постапките на МКС против Израел, а Вашингтон воведе и санкции против службеници на судот во Хаг поврзани со постапката.

