СТИГНА ОБЈАСНУВАЊЕТО Дали од јули ќе земаме пониски плати, еве што навистина се менува
Вработените се загрижени по најавата за промена на придонесите, но од Министерството уверуваат дека вкупниот товар останува ист и платите нема да бидат намалени.

Од јулската плата се менува распределбата на придонесите, но не и вкупниот износ што го плаќаат работниците. Вкупните придонеси остануваат 28 проценти, а промената се однесува само на нивната структура.
Придонесот за пензиско и инвалидско осигурување се зголемува од 18,8 на 19,9 проценти, додека придонесот за невработеност се намалува од 1,2 на 0,1 процент. Здравствениот придонес останува 7,5 проценти, а придонесот за повреди при работа и професионални заболувања 0,5 проценти.
Од Министерството појаснуваат дека нема да има намалување на платите и кај минималната плата разликата е само 1 денар поради пресметката и заокружувањето.
Измените ќе важат привремено за платите исплатени од јули до декември 2026 година. По тој период, без нови законски измени, ќе се вратат старите стапки.
Со измените се менуваат и стапките за работни места со зголемен стаж, а УЈП ќе ја преземе пресметката на придонесите за самовработени лица со паушален доход. Дополнително, се овозможува задолжително здравствено осигурување за странци со регулиран престој и лица под привремена заштита.


