СЕ ПОДГОТВУВА ЛИ НОВА ПОДЕЛБА НА СВЕТОТ Путин, Трамп и Си Џинпинг пред историска средба – Кремљ откри што се договара
Москва не ја исклучува можноста за историска средба меѓу лидерите на Русија, САД и Кина, но агендата сè уште не е договорена.

Можна е средба на највисоко ниво меѓу претседателите на Русија, Соединетите Американски Држави и Кина – Владимир Путин, Доналд Трамп и Си Џинпинг, но засега нема конкретен договор за темите што би се нашле на преговарачката маса.
Ова денеска го изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, посочувајќи дека трите страни ја разбираат важноста на евентуалниот состанок и начелно се подготвени за таков дипломатски потег.
„Таква средба е можна. Трите страни разбираат дека би било добро да се сретнат и хипотетички се подготвени. Сè уште нема јасно дефинирана агенда, таа мора да се финализира“, изјави Песков за руската новинска агенција „Вести“.
Според него, едно од клучните прашања што би можело да се најде на дневниот ред е нуклеарното разоружување, тема за која Вашингтон покажува интерес.
Сепак, Пекинг засега не сака да се вклучи во ваквите разговори, што претставува една од пречките за усогласување на заедничка агенда.
Песков воедно предупреди дека евентуалната средба меѓу тројцата претседатели не треба да се толкува како обид за создавање „нова Јалта“, односно како договор меѓу големите сили за нова поделба на сферите на влијание во светот.
Засега нема потврден датум, место или конкретна агенда за можниот самит.

