ЕВРОПА ВЕТИ БРДА И ДОЛИНИ, УКРАИНА ДОБИ САМО ДЕЛ Милијардите останаа на хартија
И покрај најавената огромна финансиска поддршка од ЕУ и членките, голем дел од ветените средства сè уште не се реализирани, покажуваат проценките.

Иако од 2022 година до април 2026 година институциите на Европската Унија и нејзините земји членки најавиле околу 400 милијарди евра воена и друга поддршка за Украина, до Киев реално стигнале околу 180 милијарди евра, објавуваат медиумите.
Новата обврска од 140 милијарди евра, усвоена во декларацијата по самитот на НАТО во Анкара, има за цел да ѝ обезбеди на украинската армија поголема сигурност во планирањето на одбранбените активности. Истовремено, со оваа порака западните сојузници сакаат да покажат дека поддршката за Киев останува силна и да извршат притисок врз Москва да се насочи кон преговори наместо продолжување на воените дејствија.
Сепак, од планираните 70 милијарди евра помош за Украина во текот на оваа година, директно ќе бидат обезбедени помалку од половина и околу 30 милијарди евра, преку заемот на Европската Унија договорен на декемврискиот самит.
Вкупниот пакет на заемот изнесува 90 милијарди евра, но средствата ќе се распределуваат во период од две години. Дополнително, само околу две третини од нив ќе можат да бидат искористени за воени потреби.
Тоа значи дека останатите околу 40 милијарди евра ќе треба да ги обезбедат членките на НАТО преку дополнителни придонеси. Самата Алијанса признава дека се потребни нови финансиски средства за исполнување на преземените обврски.
Според проценките на економските аналитичари, во периодот од јануари до април 2026 година, Европската Унија обезбедила воена помош за Киев во вредност од околу 10 милијарди евра. Меѓу најголемите донатори и понатаму се Германија, која во тој период издвојила околу пет милијарди евра, и Велика Британија, која обезбедила околу две милијарди евра помош за Украина.
И покрај големите најави и политичките пораки за долгорочна поддршка, разликата меѓу ветените средства и реално испратената помош останува една од главните теми во дебатите за европската стратегија кон војната во Украина.


