ИРАН ЗАРАБОТИ МИЛИЈАРДИ ДОДЕКА ТРАЕШЕ ПАУЗАТА Извезени 70 милиони барели нафта пред новата блокада
Околу 20 танкери со иранска сурова нафта тргнале кон азиските пазари додека Вашингтон привремено ги ублажи санкциите.

Иран успеал да извезе околу 70 милиони барели сурова нафта, со проценета вредност меѓу пет и шест милијарди американски долари, во периодот кога привремено беа олеснети американските санкции врз неговиот енергетски сектор, објави „Волстрит џурнал“, повикувајќи се на податоци од невладината организација „Обединети против нуклеарен Иран“.
Според анализата на организацијата, од средината на јуни до средината на јули, околу 20 ирански танкери испловиле кон најголемите азиски пазари, пренесувајќи значителни количества сурова нафта.
Ова се случило откако Канцеларијата за контрола на странски средства (OFAC) при американското Министерство за финансии на 22 јуни издала општа лиценца со која се дозволувале производство, транспорт и продажба на иранска нафта и нафтени деривати.
Меѓутоа, по новото заострување на односите и ескалацијата на тензиите, Вашингтон ја повлекол одлуката. На 7 јули американското Министерство за финансии итно ја укинало лиценцата, која требаше да важи до 21 август, и повторно вовело целосна забрана за нови активности поврзани со иранскиот нафтен сектор.
Со тоа, краткотрајното олеснување на санкциите му овозможило на Техеран значително да ги зголеми приходите од извозот на нафта пред повторното враќање на ограничувањата.


