НОВ ЦЕНОВЕН УДАР ЗА СКОПЈАНИ СРЕДЕ ЗИМА Сите четири компании бараат поскапо парно
Цената на природниот гас во октомври е повисока за околу 60 отсто во споредба со периодот кога беше донесена последната одлука за парното.

Скопјани се соочуваат со можност за ново поскапување на парното во текот на грејната сезона. Сите четири компании што работат во секторот за топлинска енергија поднеле барања до Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) за корекција на цената, наведувајќи го растот на цената на природниот гас како главна причина.
Доколку регулаторот ги прифати барањата, тоа ќе биде трето поскапување на парното во 2026 година.
Првото зголемување беше во јануари, кога цената на топлинската енергија порасна за пет проценти. Како една од причините тогаш беа наведени потребните инвестиции во мрежата за санирање на дефектите и спречување протекувања. На крајот на јули, РКЕ донесе нова одлука за зголемување на цената за речиси шест проценти, која почна да се применува од 1 август.
Од РКЕ за „Телма“ потврдиле дека најновите барања се однесуваат на ревидирање на цената утврдена во јули.
„Како причини за доставување на новите барања компаниите ја наведуваат високата цена на природниот гас“, информираат од Регулаторната комисија.
Барања доставиле ЕСМ Производство, ЕСМ Снабдување, ЕСМ Дистрибуција и „Енерџи Еколонг“, компанијата што претходно работеше под името „Скопје Север“.
Од ЕСМ посочуваат дека, според нивните пресметки, цената на природниот гас во октомври е повисока за околу 60 проценти во споредба со цената врз основа на која беше донесена последната одлука за парното во јули.
„Висината на евентуалната промена на цената зависи од повеќе фактори, при што клучно влијание има цената на гасот на берзите. Актуелните прогнози укажуваат на раст на цената на природниот гас, пред сè како резултат на тековните геополитички случувања на Блискиот Исток, кои предизвикуваат нестабилност на глобалните енергетски пазари“, соопштија од ЕСМ.
Конечниот збор го има РКЕ, која треба да ги разгледа доставените барања и да одлучи дали ќе има ново поскапување и колкаво би било евентуалното зголемување на цената на топлинската енергија.

