СОСТОЈБА НА ПАТИШТАТА Суви коловози, умерен сообраќај, внимателно на делниците со опасност од одрони

АМСМ со предупредување до возачите: внимателно на делниците со опасност од одрони и на патиштата каде се изведуваат градежни работи.

СОСТОЈБА НА ПАТИШТАТА Суви коловози, умерен сообраќај, внимателно на делниците со опасност од одрони
Фото: Национал

Сообраќајот на државните патишта во Македонија се одвива непречено и по суви коловози. Интензитетот на сообраќајот надвор од градските средини е умерен, додека на граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

АМСМ апелира до возачите да ја приспособат брзината, да ја почитуваат поставената сообраќајна сигнализација и да бидат особено внимателни при движење низ котлини, речни долини и клисури, каде постои можност од појава на одрони.

Посебно внимание се препорачува на делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

Изменет режим на повеќе патни правци

Поради градежни и санациски активности, на повеќе патишта низ земјава е воспоставен времен режим на сообраќај.

Кај наплатната станица Преод, на автопатот А4 на делницата Миладиновци – Свети Николе – Штип, до 1 октомври ќе важи изменет режим поради санација на косината.

Во Штип е во тек санација на мостот на реката Брегалница на регионалниот пат Р1204, поради што сообраќајот се одвива под времен режим.

Градежни активности и времен режим има и на патниот правец Гостивар – Стража, каде се санираат мостовите „Вијадукт на Атанасова река“ и „Вијадукт на Дол“.

Работи и на мостовите кај Желино

На државниот пат А2, кај Желино, се изведуваат санациски работи на мостовите над реката Вардар во двата правци – Скопје – Желино и Желино – Скопје. Сообраќајот се одвива согласно воспоставениот времен режим.

На автопатот А1, на делницата Смоквица – Гевгелија, се изведуваат активности поврзани со преминување на интерконективен гасовод под автопатот, поради што е поставена соодветна сигнализација за времен режим.

Внимателно на скопската обиколница

На државниот пат А2, односно скопската обиколница, се врши рехабилитација на делница во должина од околу 250 метри, од клучката Волково до клучката Кондово.

Поради работите затворена е левата сообраќајна лента, а сообраќајот се одвива по средната лента и лентата за принудно запирање.

Кичево – Охрид со девијации, ограничувања и кај Прилеп – Битола

На патниот правец Кичево – Охрид, поради градежни активности на повеќе делници, сообраќајот се одвива со девијации. АМСМ апелира на строго почитување на сигнализацијата и приспособена брзина.

Во рамки на изградбата на Коридор 10Д, на патниот правец Прилеп – Битола, движењето на возилата е пренасочено по регионалниот пат во делот од клучката Лагово до Тополчани.

Во меѓувреме, на регионалниот пат Косоврасти – Мелнички Мост е во тек санација на свлечиште, со воспоставен времен режим на сообраќај.

Отворен патот преку Галичица

Патниот правец Охрид – Ресен преку Националниот парк Галичица е отворен за сообраќај за сите видови возила до 3,5 тони.

За движење низ Јасен важат временски термини:

  • Скопје – Македонски Брод: 07:30-09:00, 12:00-12:45 и 16:00-18:00 часот.
  • Македонски Брод – Скопје: 06:00-07:00, 10:30-11:00, 13:00-13:45 и 18:30-20:00 часот.

Граничниот премин Делчево, каде што од 9 септември се вршат реконструктивни работи, функционира непрекинато, а сообраќајот се одвива нормално во текот на градежните активности.

CATEGORIES
Share This