МИЦКОСКИ ОД ЊУЈОРК СО ПОРАКА ДО БРИСЕЛ Нема да го менуваме нашиот идентитет

Премиерот на самитот „Конкордија“ во Њујорк зборуваше за евроинтеграциите, односите со САД, стратешките инфраструктурни проекти и економскиот раст на Македонија.

МИЦКОСКИ ОД ЊУЈОРК СО ПОРАКА ДО БРИСЕЛ Нема да го менуваме нашиот идентитет
Фото: Принтскрин

Премиерот Христијан Мицкоски во понеделникот се обрати на престижниот самит „Конкордија“ во Њујорк, кој се одржува паралелно со Генералното собрание на Обединетите нации.

Во панел-дискусија со грузиската заменик-премиерка Мака Ботчоришвили, Мицкоски говореше за пречките во евроинтегративниот процес и за, како што рече, обидите билатерални прашања да се поврзуваат со идентитетските прашања на Македонија.

„Направивме премногу отстапки, но веруваме во европските вредности“

Мицкоски оцени дека фрустрацијата кај македонските граѓани е голема поради долгогодишниот процес на интеграција во ЕУ и отстапките што, според него, Македонија ги направила.

„Ние го започнавме нашето патување пред речиси две и пол децении. И, за жал, поради некои вештачки причини, не успеавме да станеме дел од ЕУ. Веројатно еден ден ќе го постигнеме овој камен-темелник“, рече премиерот.

Тој посочи дека Македонија во изминатиот период го менувала знамето, Уставот и уставното име, но дека и покрај тоа останува посветена на европскиот пат.

„Ние веруваме во европските вредности и ќе продолжиме така, за конечно да најдеме излез од оваа заклучена ситуација“, порача Мицкоски.

Мицкоски: Не сакаме преговорите да го менуваат идентитетот

Според премиерот, целта на европските интеграции треба да биде трансформација на институциите и усогласување со европските стандарди, а не промена на идентитетски прашања.

„За нас, за мојата генерација, преговорите со ЕУ беа еден вид начин да се променат институциите и не да се промени идентитетот“, рече Мицкоски.

Тој додаде дека постојат земји членки кои, според него, се обидуваат преку процесот на интеграција да решаваат билатерални прашања.

„И ние сме жртва на еден вид малтретирање: или сте внатре или сте надвор, а ако сакате внатре, мора да го проголтате она што го бараме од вас“, изјави премиерот.

„Од Брисел слушаме и позитивни пораки“

Мицкоски посочи дека од Брисел во последниот период пристигнуваат и позитивни сигнали.

Тој го посочи состанокот на ЕУ и земјите од Западен Балкан во Тиват, каде што, како што рече, биле испратени „исклучително позитивни“ пораки.

Според него, Франција и Германија презентирале неформален документ кој би можел да биде преточен во официјална политика на ЕУ.

„Ќе видиме. А во меѓувреме ние целосно ја усогласивме нашата заедничка надворешна и безбедносна политика со ЕУ. Нашето законодавство е помалку или повеќе усогласено со она на ЕУ“, рече Мицкоски.

Тој нагласи дека Македонија, според него, не го губи времето додека трае процесот на интеграција, туку продолжува со реформите и економскиот развој.

Стратешкото партнерство со САД станува подлабоко

Говорејќи за односите со САД, Мицкоски оцени дека стратешкото партнерство меѓу двете земји се продлабочува.

Тој ги посочи соработката во воената индустрија и енергетиката, како и проектот за ископување антимон со поддршка на американската агенција ДФЦ.

„Мислам дека односите меѓу двете земји стануваат сè подлабоки со текот на времето“, рече премиерот.

Мицкоски истакна дека Македонија сака да биде пример за американското присуство во регионот и Европа.

Нафтовод, гасоводи и Коридорите 8 и 10 во фокусот

Премиерот пред учесниците на самитот ги претстави и инфраструктурните проекти кои, според него, ја зголемуваат стратешката позиција на Македонија.

Тој го посочи обновениот нафтовод што го поврзува Солун со македонската рафинерија, како и изградбата на гасната инфраструктура кон Грција и Србија.

Мицкоски најави дека гасниот интерконектор кон југ се очекува да почне со работа најдоцна до крајот на четвртиот квартал од 2027 година, додека северниот интерконектор кон Србија е планиран за крајот на 2028 година.

Посебно значење им даде на Коридорите 8 и 10.

„Двата коридора практично се сечат неколку километри североисточно од нашиот главен град“, рече Мицкоски, додавајќи дека тие се важни и за источниот дел од НАТО.

Мицкоски: Растот во вториот квартал е 4,3 отсто

Во економскиот дел од обраќањето, премиерот ги посочи податоците за вториот квартал од 2026 година.

„Последните податоци за вториот квартал од 2026 година покажуваат дека нашиот реален раст беше 4,3 проценти — номинално над 8 проценти, што нѐ става меѓу првите три земји во Европа според годишниот раст“, изјави Мицкоски.

Тој рече дека владин приоритет по изборите во 2024 година бил стабилизирањето на институциите, макроекономијата и јавните финансии.

Мицкоски се осврна и на инфлацијата, оценувајќи дека во август таа била пониска од европскиот просек.

„Практично, ја држиме инфлацијата меѓу 2 и 2,5 проценти, што нѐ прави најдобра земја во регионот и меѓу најдобрите во Европа“, рече премиерот.

Во завршницата на своето обраќање, Мицкоски оцени дека економската состојба се подобрува и изрази очекување позитивниот тренд да продолжи и во наредните години.

CATEGORIES
Share This