КРАЈ ЗА МОСТОТ ЗА ЛОВЕЊЕ РИБА Ѓорѓиевски најави пуштање во функција на мостот меѓу Аеродром и Гази Баба

По решавањето на експропријацијата и ослободувањето на трасата, започна асфалтирањето на пристапните улици.

КРАЈ ЗА МОСТОТ ЗА ЛОВЕЊЕ РИБА Ѓорѓиевски најави пуштање во функција на мостот меѓу Аеродром и Гази Баба
Фото: Принтскрин

Мостот „Генерал Михајло Апостолски“, кој ги поврзува скопските општини Аеродром и Гази Баба, наскоро ќе биде ставен во функција, откако започна асфалтирањето на пристапните улици и финализирањето на активностите за негово поврзување со сообраќајната мрежа.

Ова го соопшти градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, кој посочи дека за неполна година успеале да го одблокираат проектот што со години беше во застој.

„Мостот ‘Генерал Михајло Апостолски’ наскоро во функција – зборот е збор! Ветив дека во мојот четиригодишен мандат ќе го ставиме во функција. Но само за неполна година го одглавивме проектот и веќе ги асфалтираме пристапните улици со што ќе се стави во функција“, напиша Ѓорѓиевски на Фејсбук.

Според него, еден од главните проблеми што го попречувале завршувањето на проектот бил нерешениот процес на експропријација на земјиштето неопходно за изградба на пристапните улици. Тој тврди дека овој процес бил блокиран со години, но сега трасата е ослободена и се работи на нејзино целосно поврзување со мостот.

Ѓорѓиевски потсети дека мостот во изминатиот период меѓу граѓаните бил познат и како „мост за ловење риба“, бидејќи и покрај неговата изградба, не можеше да ја добие вистинската сообраќајна намена.

Со неговото ставање во функција се очекува да се подобри поврзаноста меѓу Аеродром и Гази Баба, да се скратат времето и растојанието на патување и да се намали сообраќајниот притисок во главниот град.

Градоначалникот најави дека паралелно продолжуваат и активностите за експропријација на преостанатиот дел од трасата на булеварот, со цел проектот да биде целосно довршен.

„Нашата обврска е да го довршиме проектот во целост. Дадениот збор пред мојот народ го исполнуваме со работа, чесно и посветено. Со решавање на проблемите и со резултати што се гледаат“, порача Ѓорѓиевски.

CATEGORIES
Share This