СЕ МЕНУВА ЈАВНИОТ ПРЕВОЗ – Познати компаниите што ќе донесат 150 електрични автобуси во земјава

Просечна цена околу 314 илјади евра по автобус е конкурентна понуда според Министерството.

СЕ МЕНУВА ЈАВНИОТ ПРЕВОЗ – Познати компаниите што ќе донесат 150 електрични автобуси во земјава
Фото: Принтскрин

Министерството за транспорт информира дека, по спроведениот јавен повик за набавка на 150 електрични еколошки автобуси и 75 станици за полнење, Комисијата составена од стручни лица ја завршила евалуацијата на пристигнатите понуди.

Од вкупно четири понудувачи, три економски оператори не ги исполниле условите предвидени во јавниот повик. Врз основа на оценувањето, Комисијата предложила за најповолен понудувач заедничката понуда на унгарската компанија „Електробус – Икарус“ и австриската „ЕВН“.

Според одлуката, „Икарус“ ќе биде задолжен за испорака на електричните автобуси, додека „ЕВН“ ќе ги обезбеди станиците за полнење. Двете компании ги исполниле сите технички и административни услови од јавната набавка и понудиле најповолна цена.

Проектот опфаќа набавка на 150 електрични автобуси и 75 станици за полнење, со просечна цена од околу 314 илјади евра по автобус, што според Министерството претставува конкурентна пазарна понуда.

Автобусите треба да исполнуваат технички спецификации, меѓу кои минимална моќност од 300 kW, капацитет од најмалку 66 патници, автоматски климатски систем за ладење и греење, како и усогласеност со Европската директива 2018/858.

Избраниот оператор има обврска за тековно одржување, поправка на дефекти и обезбедување резервни делови во период од 10 години од ставањето на возилата во употреба.

Испораката е предвидена во три фази со 30 автобуси и 15 станици во рок до 6 месеци од потпишување на договорот, 60 автобуси и 30 станици во рок до 12 месеци и 60 автобуси и 30 станици во рок до 18 месеци.

По донесувањето на одлуката за избор, предвиден е рок од 10 дена за поднесување жалба.

CATEGORIES
TAGS
Share This