ЛЕТОВИ СЕ ОТКАЖУВААТ, ЛЕТНИ ОДМОРИ ВО ОПАСНОСТ – Европа пред авио-криза
Летовите се откажани, патниците добиваат автоматски поврат на средства.

Летните одмори во Европа се доведени во прашање поради растот на цените на авионското гориво и нарушувањата во снабдувањето.
Нискобуџетни компании како Transavia, Ryanair и Volotea веќе најавија откажувања на дел од летовите во мај и јуни, како резултат на поскапувањето на керозинот и проблеми со увозот.
Главен фактор за нестабилноста е геополитичката ситуација на Блискиот Исток и ризиците поврзани со Ормускиот теснец, клучна рута за светските нафтени текови. Поради тоа, расте загриженоста за можен недостиг на гориво за авиони во Европа.
Експерти предупредуваат дека Европа е силно зависна од увоз на рафинирани горива, што ја прави ранлива на глобални кризи. Сепак, засега не постои непосреден ризик од целосен недостиг.
Иако владите и ЕУ располагаат со стратешки резерви и механизми за стабилизација, аналитичарите предупредуваат дека кризата може да влијае пред сè на цените на билетите.
Поради тоа, патниците треба да очекуваат поскапи летови, особено кај нискобуџетните компании кои работат со мали маржи.
Во случај на откажување на летови, европските правила предвидуваат дека авиокомпаниите мора да понудат враќање на средствата, доколку патниците се известени навремено.
Од друга страна американската нискобуџетна авиокомпанија Spirit Airlines објави дека целосно ги запира своите активности откако не успеа да обезбеди планирана државна поддршка од 500 милиони долари.
Компанијата соопшти дека започнува постепено гаснење на работењето, при што сите летови се откажуваат, а патниците се советуваат да не доаѓаат на аеродромите. Повратот на средствата за купените билети ќе се врши автоматски за плаќања направени со картички.
Spirit Airlines, со седиште во Флорида, со години се соочуваше со финансиски проблеми, вклучувајќи и две постапки за стечај од 2024 година. Дополнителен притисок врз компанијата извршија високите цени на горивото и енергетската криза поврзана со геополитичките тензии, особено меѓу САД и Иран.
Преговорите за државна помош, кои вклучувале и можност владата да преземе мнозински удел, пропаднале поради несогласувања со доверителите.
Извршниот директор изјави дека и покрај договорот за реструктурирање постигнат во март 2026 година, растот на цените на горивото ја оставил компанијата без одржливо решение.
Во изминатите години Spirit претрпе загуби од над 2,5 милијарди долари, укина илјадници работни места и десетици нерентабилни линии, а во 2025 повторно поднесе барање за стечај. Според медиумите, и покрај разгледување на можност за интервенција од администрацијата на Доналд Трамп, договор не бил постигнат.
