СЕ ГЛЕДАМЕ НА 15-ТИ Нов мигрантски бран кон Сеута, Шпанија подготвува одбрана
По масовниот обид од 30 јули, на социјалните мрежи се шири нов повик за собирање, а властите ги следат групите со стотици илјади членови.

Само неколку дена по масовниот обид на мигранти да ја преминат границата кон шпанската енклава Сеута, шпанските власти следат нови повици за можна повторна акција. На социјалните мрежи се појавија пораки во кои се споменува 15 август 2026 година како можен датум за ново масовно собирање и обид за влез на шпанска територија. На Инстаграм, Фејсбук, ТикТок и Вотсап кружат повици како „Браќа, 15 август 2026 година“ и „Се гледаме на 15-ти. Бидете точни!“. Според пишувањата на шпанските медиуми, дел од младите во Мароко преку интернет организираат нов обид за преминување кон Сеута.
Весниците „Ел Паис“ и АБЦ објавија дека следат повеќе групи на социјалните мрежи, од кои некои имаат стотици илјади членови. Наводно, постојат и повеќе комуникациски групи преку Вотсап во кои се координираат можните движења. Социологот Марија Гевара од Универзитетот Пабло де Олавиде во Севиља оценува дека социјалните мрежи имаат огромно влијание врз младите во Мароко.
„Во посиромашните и руралните региони многумина немаат пристап до основни услови за живот, но интернетот е достапен за речиси сите“, вели таа.
Гевара предупредува дека младите лесно можат да бидат изложени на манипулации преку интернет, особено кога информациите доаѓаат од непроверени извори. Шпанските безбедносни служби тврдат дека и при последниот обид дел од мигрантите биле охрабрени од лажни информации што ги ширеле мрежи поврзани со шверц на луѓе.
Една од најраспространетите дезинформации била дека по одлуката на Врховниот суд на Шпанија, мигрантите кои ќе стигнат до шпанска територија повеќе не можат веднаш да бидат вратени во Мароко. Шпанските власти го демантираа тоа толкување.
Шпанската компанија за анализа на податоци „Голден Аул“ соопшти дека корисниците кои стоеле зад повиците за масовното преминување на границата на 30 јули повторно користат исти форуми и комуникациски канали за повик на нов собир.
Пред последниот обид, мигрантите беа повикувани да се соберат во мароканскиот град Кастиљехо, во близина на границата со Сеута. Поради тоа, шпанските власти внимателно ги следат новите активности на социјалните мрежи.
Како дополнителна мерка за спречување на нов масовен обид, властите поставија пловечки бариери во морето во должина од околу 500 метри. Иако тие најверојатно нема целосно да го спречат преминувањето со пливање, претставуваат дополнителна пречка за оние кои се обидуваат да стигнат до шпанската територија. Последниот обид беше поврзан и со погрешно толкување на одлука на Врховниот суд на Шпанија за враќањето на мигранти кои пристигнуваат до границата.
Во меѓувреме, дел од оние кои пристигнаа во Сеута минатата недела веќе ја напуштија областа откако сфатија дека ветувањата за лесен премин кон шпанското копно не биле точни. Некои од нив изјавиле дека очекувале полесен прием во Шпанија, сметајќи дека земјата поради недостиг на работна сила ќе ги прими без поголеми пречки.
ШТО НАВИСТИНА СЕ СЛУЧУВА ВО СЕУТА 49.000 мигранти, 27 жртви и итна реакција на Шпанија

