ШТО НАВИСТИНА СЕ СЛУЧУВА ВО СЕУТА 49.000 мигранти, 27 жртви и итна реакција на Шпанија
Само 14 километри го делат европскиот и африканскиот брег, но изградбата на мост е речиси невозможна.

Околу 49.000 мигранти во последните 24 часа се обиделе да преминат од Мароко во шпанската северноафриканска територија Сеута, според првичните проценки на шпанското Министерство за внатрешни работи. Меѓу оние кои тргнале на опасниот пат има и стотици деца, а дел од нив, според локалните информации, заминале без знаење на своите родители.
Обидите за преминување имаат и трагичен биланс. Бројот на загинатите достигна 27 лица. Според локални извори, дел од нив се удавиле, додека други настрадале во хаосот и метежот што настанал при масовното движење кон територијата под шпанска контрола. Шпанските власти во Сеута испратија дополнителни полициски и воени единици. Градот, кој има околу 85.000 жители, се соочува со сериозен притисок врз капацитетите за прием, додека голем број мигранти остануваат на улиците.
Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска пристигна во Сеута и најави воспоставување привремен центар за регистрација и тријажа. Властите планираат и забрзување на постапките за враќање на лицата кои не ги исполнуваат условите за престој во Шпанија. Според информациите, масовното пристигнување е поврзано со неодамнешната одлука на Врховниот суд во врска со мигрантите кои се обидуваат по морски пат да стигнат до Сеута и Мелиља. Наводно, дел одлуката била погрешно протолкувана и таквите информации брзо се прошириле преку мрежите за шверцување мигранти.
Што претставува Сеута?
Сеута често се нарекува шпанска енклава во Северна Африка. Во географска смисла, сепак, попрецизно е да се опише како шпанска енклава и полуенклава. Терминот „енклава“ се однесува на територија која е одвоена од матичната држава и опкружена со територија на друга држава или природна граница. Сеута е под суверенитет на Шпанија, но се наоѓа на африканскиот брег, одвоена од европскиот дел на Шпанија со Гибралтарскиот Проток. Бидејќи од едната страна се граничи со Мароко, а од другата излегува на Средоземното Море, Сеута не е целосна енклава. Поради пристапот до море, почесто се користи описот полуенклава.
Зошто нема директен мост меѓу Европа и Африка?
Гибралтарскиот Проток на најтесната точка ги раздвојува Европа и Африка за само околу 14 километри. И покрај релативно малото растојание, изградбата на мост се смета за исклучително сложен инженерски предизвик. Една од најголемите пречки е длабочината. Во различни делови на теснецот морското дно се наоѓа на значителна длабочина, што сериозно ја отежнува изградбата на стабилни темели за огромна мостовска конструкција.
За споредба, Евротунелот под Ла Манш има максимална длабочина од околу 180 метри, а просечната длабочина на трасата е значително помала. Дополнителен проблем се морските струи. Во Гибралтарскиот Проток се среќаваат водните маси на Атлантскиот Океан и Средоземното Море, создавајќи сложени и силни струења кои претставуваат сериозен предизвик за изградба и одржување на голема инфраструктурна конструкција.
Трет фактор е сеизмичката активност. Регионот се наоѓа во зона каде што се среќаваат Африканската и Евроазиската тектонска плоча, поради што земјотресите се дополнителен ризик при планирањето на ваков мегапроект.
Наместо мост – тунел долг 42 километри?
Поради сите овие пречки, со години се разгледува друга можност за подводен железнички тунел меѓу Шпанија и Мароко, по примерот на Евротунелот меѓу Франција и Велика Британија. Планираната траса би била долга околу 42 километри. Иако најкраткото растојание меѓу двата брега е многу помало, предложената траса е подолга бидејќи би минувала низ делови од теснецот каде што морето е поплитко.
Проектот предвидува три паралелни цевки. Две би биле наменети за железнички сообраќај, за патнички и товарни возов,и додека третата би служела за одржување, евакуација и безбедносни системи. Доколку некогаш биде реализиран, ваквиот проект би создал директна железничка врска меѓу Европа и Африка и би можел значително да влијае врз трговските и транспортните коридори меѓу двата континента.
Но, додека идејата за директна врска меѓу Европа и Африка со децении останува на маса, Сеута и понатаму е една од најчувствителните точки на границата меѓу двата континента.

