СЕ БЛИЖИ КРАЈОТ НА АЗИЛОТ НА ГРУЕВСКИ – Кривичниот суд ја заврши клучната документација, што следува
Министерството за правда ги доби сите потребни податоци за продолжување на постапката.

Собирањето на потребната документација за екстрадиција на поранешниот премиер на Македонија, Никола Груевски, е во завршна фаза, соопшти Кривичниот суд во Скопје. Против него сè уште се водат постапки, иако дел од предметите веќе се правосилно завршени.
Од Министерството за правда побарале од судот да ги достави сите релевантни информации и измени што би можеле да влијаат врз постапката за екстрадиција, по што биле обезбедени потребните податоци.
Министерот за правда Игор Филков изјави дека државата го чека формирањето на новата влада во Унгарија, каде што Груевски доби политички азил по бегството. По тоа, се очекува официјално да биде испратено барање за негово враќање.
Новата унгарска влада би требало да биде формирана на 9 мај. Идниот премиер Петер Маѓар претходно најави построг пристап кон азилите и порача дека Унгарија нема да биде „прибежиште за криминалци“, најавувајќи можност за преиспитување на ваквите случаи.
Сепак, експертите предупредуваат дека постапката е сложена. Статусот на бегалец се ревидира периодично, а вонредна проверка може да трае со месеци и не зависи директно од политички изјави. Постои и можност Груевски да има добиено унгарско државјанство, што дополнително би ја отежнало екстрадицијата.
Никола Груевски, доколку биде екстрадиран, треба да одлежи затворска казна од 10 и пол години за предметите „Насилство во Центар“ и „ТНТ“, додека за други случаи како „Титаник“ и „Талир 2“ постапките се водат во отсуство.
Во случај на негово враќање во земјата, тој би имал и право да бара повторување на судските процеси.
