САША БОГДАНОВИЌ СЕ ВРАЌА ВО ПОЛИТИКАТА СО НОВА ПАРТИЈА Српска демократска лига
Поранешниот градоначалник на Центар од СДСМ одржа основачки политички настап со првиот изборен конгрес, на кој беа формирани партиските тела и беше отворен патот за идни коалиции.

Поранешниот градоначалник на Општина Центар од редовите на СДСМ, Саша Богдановиќ, повторно се активира на политичката сцена, овојпат како претседател на новоформираната Српска демократска лига (СДЛ).
На 9 октомври 2026 година, во салата на Македонската филхармонија во Скопје, се одржа првиот изборен конгрес на партијата. Делегатите едногласно ја поддржаа одлуката за формирање на Централниот и Надзорниот одбор, а беше усвоен и предлог-договорот за коалиција.
Со оваа одлука, претседателот на партијата и Централниот одбор добија мандат за преговори и склучување идни политички коалиции.
Во своето обраќање, Богдановиќ истакнал дека Српската демократска лига не е само нов политички субјект, туку и обид за обновување на традицијата на истоимената организација основана во Скопје во 1908 година, која, според него, претставувала прва политичка организација на Србите на овие простори.
„Со организираност, достоинство и единство ќе го чуваме својот идентитет, истовремено почитувајќи го и идентитетот на другите“, порачал Богдановиќ.
Тој упатил благодарност до потпретседателката на Главниот одбор на Српската напредна странка од Србија, како и до претставниците на македонските политички партии и јавниот живот кои присуствувале на конгресот.
Од Српската демократска лига најавуваат продолжување на политичките активности, со фокус на организираноста, одговорноста и застапувањето на интересите на српската заедница во Македонија.
„Само сложни можемо бити снажни!“ е мотото со кое Богдановиќ ја завршил својата објава за конгресот.

